Image result for snowden movie

Повеќето знаеме кој е Едвард Сноуден, човекот кој преку ноќ од тотален анонимец стана најбараниот човек на планетава поради тоа што откри како НСА, ЦИА и ФБИ го шпионираат секое ќоше на светот. За неговото патешествие беше снимен и оскаровскиот документарец Citizen Four, а Сноуден е толку интересна фигура што дури и Џон Оливер отпатува во Москва за да сними интервју со него.

Последниот обид да се популаризира приказната на Сноуден е филмот на Оливер Стоун, насловен по презимето на познатиот свиркач (термин кој означува личност што открива информации за незаконско работење на владата). Филмот ни открива детали од животот на Сноуден пред да влезе во америчката владина машинерија и што се случува откако ќе го голтне црвеното апче и ќе излезе од „Матрицата“.

„Сноуден“ е на еден начин полу-биографија која ни дозволува да ѕирнеме во мозокот на човекот кој го ризикуваше својот живот (а и работа на Хаваи) во име на лојалност кон татковината и/ли сограѓаните. Лојалноста е тема која провејува низ целиот филм, и имам чувство дека режисерот сакал да ја отслика двојната природа на оваа вредност. Односно, што точно означува лојалноста кон својата земја: дали е лојалност кон владата, која ја има највисоката задача да го штити јавниот интерес и граѓаните, или пак лојалноста кон своите сограѓани, и кои се последиците од овој избор.

Одговорот на оваа дилема мислам дека ги открива и мотивите зад постапките на американската влада, но и тие на Сноуден. Но, поважно е што мислат оние кои гледаат кон екраните. Оти, нивниот одговор ултимативно води кон тоа дали ќе го сметаат Сноуден за предавник, или за херој. Ако сметаат дека вистинската лојалност е лојалност кон Владата, тогаш тоа е доволно оправдување за Владата да презема постапки за кои смета дека не треба да одговара. Од друга страна, ако луѓето веруваат дека вистинската лојалност е онаа кон своите сограѓани, тогаш во тој случај треба да бараат одговорност и отчетност од Владата секој пат кога нивната доверба ќе биде изиграна.

Успешноста со која „Сноуден“ ги обработува овие морални и етички дилеми е она што ми се допаѓаше најмногу во филмот. Тоа што ми беше исто така интересно е промената во психолошката матрица на Сноуден како што напредуваше дејствието. На почетокот тој ентузијастично се вработува од една до друга разузнавачка или безбедносна агенција со намера да ја штити својата татковина (поттикнат од нападите на кулите близначки во 2001). Но откако согледува дека истите тие агенции наместо да ги штитат луѓето, ги лажат и мамат за да ја унапредат својата агенда, се претвора во човек кој е сомничав кон секоја постапка на својата влада, и смета за своја должност да му обелодени на народот како нивната доверба се изигрува.

Глумата на Џозеф Гордон Левит е фантастична. Човекот буквално се претворил во Сноуден за овој филм. Од начинот на кој изгледа во филмот, се до неговите манири и говор, слободно може да кажам дека Левит го „симнал“ Сноуден. Супер се и другите глумци (Николас Кејџ има супер камео), но Левит е глава и раменици над сите останати. Ми се допаѓаше и хемијата која ја имаа со колешката Шајлин Вудли, која ја глуми девојката на Сноуден во реалноста, Линдзи Милс.

За оние што не се запознаени со целата приказна околу Сноуден, филмот можеби ќе биде бавен и неинтересен (тројца-четворица го напуштија киното среде филм) . Филмот има повеќе сцени кои се премногу холивудски за мој вкус (моментот со Рубиковата коцка е клише од највисоки размери), а по мое гледиште, Citizen Four повеќе успева да влева параноја околу начинот на кој нашите гаџети можат да бидат шпионирани. За сите останати, мислам дека нуди нова димензија која го прави овој човек и неговите постапки уште пофасцинантни.

Претходна статијаSamsung не ја убива Note линијата – наредната година ќе има Galaxy Note 8
Следна статијаSamsung ArtPC Pulse е цилиндричен десктоп компјутер со вграден звучник