По тестирањето на основниот Galaxy S22 модел од Samsung, сега на ред дојде моментално најдоброто од компанијата, Galaxy S22 Ultra. Разликата помеѓу овие два телефони е доволно голема, па не може да се каже дека го имаме истиот телефон, но само со поголем екран.

Веднаш станува јасно дека Galaxy S22 Ultra има целосно различна целна група, а слободно веќе може да се каже дека оваа година овој телефон ќе им се погоди на корисниците на кои им фалеше Note серијата. Galaxy S22 Ultra изгледа како што изгледаше порано Note серијата со подобрувањата кои од компанијата ги развија во меѓувреме, а секако тука е и одличното S Pen.

Први импресии

Како и кај секој уред од Samsung, а посебно од највисоката класа, така и кај Galaxy S22 Ultra, веднаш се забележува квалитетот на екранот. Во овој случај посебна предност има и големината од 6,8 инчи, па освен ако не сте од корисниците кои сакаат помали смартфони, овој телефон ќе ви го овозможи најдоброто корисничко искуство.

За разлика од другите два модели од серијата, Ultra моделот доаѓа со мало заоблување на екранот од страните, со што се добива нешто повеќе екран, односно телефонот може слободно да се каже дека нема рамки од страните.

Кога на тоа ќе се додаде и веќе стандардното поставување на предната камера во мала „дупка“, телефонот навистина може да се каже дека на предната страна е само екран и ништо повеќе.

Самото држење на уредот во рака е искуство кое веднаш покажува за каков телефон се работи. Изработката, а посебно на задната страна е посебно привлечна. Направена од стакло, но во мат изведба, кај црниот модел кој ние го имаме изгледа одлично, а посебно се издвојува и модулот за камерите кој оваа година е нешто поразличен од минатата.

S Pen

Една од неколкуте главни причини поради кои Galaxy S22 Ultra е посебен телефон и поради тоа што беше толку популарна порано Galaxy Note серијата од Samsung. Можеби повеќето сметаме дека во денешно време сме навикнати да пишуваме на тастатура, без разлика на кој уред е таа, сепак ништо не може да го замени природното и интуитивно чувство на користење пенкало.

S Pen за првпат доаѓа заедно со телефон од Galaxy S серијата, односно тоа досега беше случајот само кај Note серијата, а минатата година Ultra моделот дојде со поддршка, но пенкалцето мораше посебно да се купи.

Затоа годинешниот S22 Ultra е првата вистинска земена за Note серијата и ќе претставува главниот избор на корисниците кои бараат професионален уред кој може да понуди повеќе од останатите конкуренти.

S Pen и Galaxy S22 Ultra дојдени се до ниво на функционирање да слободно може да се каже дека оставаат впечаток како да се пишува на хартија, а кога на тоа ќе се додаде и звучниот ефект можноста да се збуни човек не е мала.

Времето кога почнувате да пишувате нешто до моментот кога тоа почнува да се гледа на екранот е веќе доволно мало да не се ни забележува класичното „доцнење“, реакцијата е инстантна и тоа е главниот фактор зошто користењето на S Pen не претставува чудно искуство, туку природно и ќе сакате почесто да го користите за повеќе работи.

Како и минатите години, покрај за пишување, S Pen може да се користи за сликање на слики, односно како „далечински управувач“ за сликање, а тука се и познатите „air actions“, односно гестови преку кои може да се контролираат апликации, да се менува песната која е пуштена и многу повеќе.

Карактеристики

Galaxy S22 Ultra доаѓа со 6,8 инчен екран и резолуција од 3088 на 1440 пиксели, односно ова е моделот кој продолжи да има екран со висока резолуција и покрај тоа што има 120 херци стапка на освежување. Стапката на освежување се прилагодува од 1 херц до 120, што значи дека нема за било какво користење на уредот да се троши батеријата непотребно.

Телефонот работи на Exynos 2200, кој е чип изработен во 4nm технологија и моментално е еден од најдобрите на пазарот. На тоа се додава и 12GB RAM, како и 256GB просторот за податоци, кој во наш случај веќе и не е толку важен поради „cloud“ сервисите кои во исто време прават и да е лесно да се ресетира или промени уредот.

Најсилниот во серијата доаѓа и со најмногу камери, поточно четири. Главната е со сензор од 108 мегапиксели, ултра широката со 12 мегапиксели, а по 10 мегапиксели имаат камерите за зумирање на сликата.

На предната страна е достапна една селфи камера со 40 мегапиксели, што значи дека може да се очекуваат доста квалитетна слики и со неа.

Заклучок

Уште од првите недели на користење на Galaxy S22 Ultra јасно ни е дека Samsung продолжува да ги претставува едни од најдобрите телефони на пазарот, ако не и најдобрите. Овој модел го пополнува недостатокот од Note серијата, враќајќи ги сите функции кои беа карактеристични за тие одлични телефони, дополнувајќи ги со новините од S серијата.

Телефонот е одличен за тие кои цело време нешто читаат на својот телефон, како книги и статии, а гo нуди едно од најдобрите искуства кога е во прашање гледањето на видео содржина.

Големината на екранот и одличните перформанси на S Pen, го прават Galaxy S22 Ultra најдобриот избор за корисниците кои сакаат да работат „на нога“, но да не носат со нив лаптоп секогаш. Брзото запишување на белешки со пенкалцето е нешто што не мислите дека ви фалело додека не почнете да користите телефон како овој.  

Претходна статијаОтворен првиот Фаб Лаб во Македонија на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје
Следна статија„Виџетите“ од трети страни во Windows 11 доаѓаат до крајот на годината
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.