Galaxy Watch4 е најновата генерација на паметни часовници од Samsung која беше претставена оваа година. Ова е и првиот Galaxy часовник кој е направен на основа на Android, наместо на Tizen од Samsung, како резултат на новата соработка со Google.

Официјално, оперативниот систем на кој работат новите часовници од Samsung е Wear OS powered by Samsung, а како што е случајот со мобилните, така и часовниците имаат „скин“, наречен One UI Watch.

Резултатот од оваа соработка веднаш се гледа и Samsung, како и Wear OS, веќе имаат огромен раст на пазарот и се приближуваат до уделот на Apple.

Успехот на паметните часовници кои работат на Android на пазарот, не се должи само на новата соработка помеѓу Samsung и Google. Огромен дел се должи на одличната изработка и изглед на Galaxy Watch4 серијата која доаѓа и во Classic верзија за корисниците кои ја сакаат рамката која се движи околу часовникот, која се користи за контрола на одредени активности во корисничкиот интерфејс.

На тест ние го добивме Galaxy Watch4, со големина од 40 милиметри, кој е замислен за корисниците кои имаат можеби помала рака, им се допаѓа помал часовник, како и за женските корисници.

Сепак, разликата не е голема, па се што е потребно да дознаеме за корисничкото искуство на овој часовник, го имавме за време на тестот.

Карактеристики и можности

Galaxy Watch4, тој што го имавме на тест, доаѓа со Super AMOLED екран со големина од 1,2 инчи и карактеристично за часовниците од Samsung, тој е кружен. Резолуцијата е 396 на 396 пиксели, а квалитетот на сликата е беспрекорен.

Работи на двојадрен чип кој има процесор со 1,18GHz, а тука се и 1,5GB RAM, како и достапна меморија за податоци од 7,6GB.

Батеријата е со капацитет од 247mAh, а достапни се и сензорите како акцелерометар, барометар, жиро сензор, геомагнетски сензор, сензор за светлина, сензор за оптички отчукувања на срцето, електричен сензор за срце, сензор за анализа на биоелектрична импеданса, сензор за сала.

Нови фитнес функции

Galaxy Watch4 доаѓа со стандардните и очекувани фитнес функции кои се достапни за корисниците веќе одамна. Тоа значи дека со овој часовник можете да ги следите сите ваши активности, како прошетки, трчање, па се до планинарење, пливање и слично.

Тоа што го прави Galaxy Watch4 посебен уред кога се во прашање фитнес и здравствените функции е новата можност за мерење на составот на телото. За некои корисници ова ќе биде и главната причина зошто ќе се одлучат за овој часовник, а неговото купување ќе ја замени потребата од купување на вага која го мери составот на телото, на пример.

Посебно не интересираше точноста на мерењето на Galaxy Watch4 и поради тоа направивме споредба со вагата која ја имаме и овозможува мерење на составот на телото. Гледавме и доста споредби со посериозни уреди од вага, па заклучокот е дека овој часовник дава доволно точни резултати за да може да се користи за фитнес потребите.

Мерењето на составот на телото се прави едноставно, а и самиот часовник ќе ве научи прво како да добиете најточни резултати. Во основа, ги поставувате до малиот и средниот прст на копчињата од часовникот, а исто така треба да гледате рацете да не ви се допираат до ништо друго, па и лактите до телото.

Како резултат од мерењето на телесниот состав се добиваат информации за мускулната маса, маса на мастите, телесни масти, вода во телото, се пресметува и BMI, меѓу другото.

Уште една функција е дел од Galaxy Watch4, а оваа функција стана екстремно популарна со појавата на корона вирусот, а тоа е мерењето на кислород во крвта. Сигурно ви е познато дека заболените со COVID-19 кои покрај другите симптоми развиваат и кашлица, а посебно тие кои завршуваат во болница, имаат пониска вредност на кислород во крвта. Кратко кажано, се што е под 94% при редовно мерење, веќе е причина да се посети доктор.

Мерење на спиењето со детални информации

Galaxy Watch4 го носевме и за време на спиењето, да видиме какви резултати ќе се покажат, не секогаш успевам да ги „отспијам“ препорачаните 8 часа. Мерењето на спиењето се прави многу едноставно. Пред да легнете, само ќе ја вклучите можноста „sleep“, па кога ќе станете часовникот ќе го забележи тоа и ќе ви препорача да се вратите во нормален режим.

Часовникот точно детектира кога заспивате и кога се будите, но уште поважно точно детектира и дали и кога се имате будено во текот на ноќта.

Покрај ова, на Samsung Health апликацијата се добиваат одлично детали за спиењето, односно колку време од спиењето било лесно или длабоко, а колку во REM фаза. Истото е интересно прикажано и на графикон каде точно можете да ја видите вашата ноќна активност.

Покрај спиењето, Galaxy Watch4 го мери и кислородот во крвта додека спиете, а тука е и можноста да ве снима доколку ‘рчите. На крајот има и генерална оценка за квалитетот на спиење, па доколку сте сметале дека можете да спиете подобро, со овие информации дефинитивно ќе видите дали е тоа така и точно кој дел од ноќта е проблем.

Персонализација, апликации и Wear OS

Доколку сте биле корисник на некој од претходните часовници на Samsung, нема да забележите некоја драстична разлика, односно префрлувањето на основа на Android, односно Wear OS, не го менува корисничкото искуство, освен одредени делови кои се подобрени.

Доколку немате користено Samsung паметен часовник, веднаш да ви кажеме дека користењето е едноставно, интуитивно и полно со различни можности да го направите вашиот часовник таков како што сакате.

Тука се познатите „виџети“ од апликациите, па со повлекување лево на часовникот добивате брз пристап до информации за кислородот во крвта, пулсот, временската прогноза, календарот, односно изборот е ваш и можете да изберете што сакате во прилагодувањата.

Големо подобрување е добиено со префрлувањето на Wear OS во делот за лица на часовникот. Изборот е одличен, програмерите се тука секогаш да го зголемат тој избор, а часовникот можете да направите да изгледа баш така како што сакате.

Со повлекување на десно се доаѓа со известувањата, а покрај фитнес функциите, ова е можеби втората најдобра работа кај паметните часовници. Веќе нема да има потреба да го проверувате вашиот телефон и слободно можете да го оставите на масата или џебот, зависно што правите.

Перформанси

Веднаш се забележува дека на раката имате ставено квалитетен часовник. Екранот изгледа одлично, а работата со часовникот е брза и нема воопшто да имате ситуации каде за нешто чекате да се направи, иако можеби тоа го очекувате поради малата големина на уредот. Исто така, ако имате користено поевтин паметен часовник, секоја споредба можете да ја тргнете на страна, часовниците на Samsung се посебна категорија.

Поради тоа што се работи за часовник со одлични перформанси, сепак ќе треба да го полните нешто почесто. Во нашиот случај батеријата издржуваше еден ден, но тоа беше на почетокот додека ги проверувавме сите можности на часовникот.

По „нормализирањето“ на стилот на користење, часовникот ќе може да издржи и два дена, а зависно од прилагодувањата, можеби некој од вас ќе успее да дојде и до третиот.

Секако, користењето на фитнес функциите ја зголемува потрошувачката, но нема да имате проблеми со било која активност и нејзино целосно завршување.

Една предност ја нуди во главно само Samsung, а тоа е можноста да часовникот го дополните преку вашиот телефон безжично, секако ако имате некој од поновите и посилни модели.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Функции
Корисничко искуство
Перформанси
Претходна статијаЦрвениот Крст отвора едукативен тренинг центар за спроведување на обуки за возрасни според верификувани програми
Следна статијаРСБСП: Брзото возење убива – брзината е клучен фактор на ризик за безбедноста на сообраќајот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-galaxy-watch4Не се мислиме дали да го препорачаме овој часовник за било кој корисник. Изборот на бои, ременчиња и големини прави да секој може да го најде својот стил, а функциите на часовникот се едни од најдобрите на пазарот.