Screen-Shot-2014-06-25-at-15.55.49-940x629

Како што веројатно знаете, а и ние пишувавме за истото, од Гугл пред кратко време ја извадија најновата верзија на Андроид оперативниот систем бр. 5 наречена Lollipop. Таа донесе многу промени на повеќе полиња, особено на полињата на графичкиот дизајн и анимациите, но имаше и други промени кои се однесуваа на енкрипцијата (вклучена отпочеток освен ако не ја сакате), брзината на работа (иако за ова имаше доста проблеми со постарата верзија на Nexus 7), сменета функционалност и изглед на повеќе апликации, сменети известувања, системот на безбедност и корисници е изменет, некои апликации се заменети со други (на пр. Gallery со Photos), подобрувања во батеријата (дискутабилно), подобрување во бежичното поврзување (исто така дискутабилно) и уште неколку други промени.

Мојата надградба на Lollipop стигна доста касно, каснејќи барем 2 недели зад официјалниот почеток на нејзината дистрибуција. Секако, постоеа и „слики“ од оперативниот систем за флешување, но тоа ќе значеше дека сите информации ќе ми беа избришани на таблетот, па се одлучив да ја почекам. Инсталацијата одеше мазно без никакви проблеми и со интересна анимација (Андроид роботчето со отворен „стомак“ каде што се врти нешто). Самата инсталација траеше околу 1 час. Претпоставувајќи дека ќе биде вака, го оставив таблетот да работи преку ноќта.

Непријатно изненадување

Утрото инсталацијата беше успешно завршена и таблетот „спиеше“. Радосен зошто ќе имам нов оперативен систем и за мојот две и пол години стар таблет, го стиснав копчето за вклучување и… ми се случи многу непријатно изненадување. Екранот за отклучување не се појавуваше дури десет секунди. Си реков ајде, веројатно е до новата инсталација, откога ќе го вчита ќе биде побрзо. Но ваквите ужасни перформанси продолжија.

Анимацијата за отклучување беше бавна. Откога го отклучив му требаа барем 2-3 секунди да се појави главната површина. Пробав да вртам лево-десно по главниот екран и уживав во прекрасното слајдшоу кое ми го пружи Lollipop. Се обидов да влезам во бирачот на апликации (app drawer) преку стандардната икона и му требаа добри 4-5 секунди да ги отвори иконите. Менито за известувања работеше ужасно бавно, апликациите работеа ужасно бавно и со сецкање, прегледувањето на сликите, видеата, се` ова беше ужасно и поразувачки бавно.

Почнав да жалам зошто ја направив надградбата, а воедно да мислам дека Гугл можеби го има намерно направено истото за да ги купуваме новите уреди (бидејќи во деновите дур не стигна мојата надградба ги читав рецензиите на Нексус 5, новиот Нексус 7 и сите беа позитивни од скоро сите аспекти, па и за брзината на работа).

За среќа, не бев сам во целата мака па стигнав до една огромна дискусија на Гугл групите каде илјадници корисници го беа искусиле токму истото што и јас го имав како проблем. Кај нив начекав и едно понудено решение кое решив да го пробам и не зажалив. После него, перформансите на таблетот значително ми се подобрија и сега, освен повременото ретко сецкање ваму или таму, нема скоро никакви проблеми со брзината на работа.

Решението кое го преземав јас беше следното:

Settings -> Developer Options -> Background process limit го ставив на 1 (а може и на 2).

Ако немате Developer options кај вас, во Settings -> About tablet се стиска 7 пати на Build number и ќе се појават натаму.

Освежен Нексус и Lollipop

По ваквата интервенција и по дводневно кубење коса како да го решам, конечно можев да ја искусам позитивната промена која ја донесе Lollipop на мојот Нексус. Скоро се` што беше сменето, беше подобрено. Генералниот изглед поддржан од т.н. Материјален дизајн е одличен, а при секоја акција сега постојат нови анимации кои додаваат некое „премиум“ чувство околу користењето на Андроид. Инаку, Материјалниот дизајн е во насока на рамен минимализам што е дизајн тренд во последно време што прв го презема iOS 7.

Screenshot_2014-12-18-11-16-45

Системот работи прилично стабилно, отприлика како и КитКет 4.4. кој што го претходеше. Тоа значи дека од време на време знае да се рестартира од ништо, но тоа е ретка прилика. Апликациите работат мазно и без проблеми.

Менито за известувања што се „влече“ од горниот раб е прилично редизајнирано и е двослојно. Практично, при првото влечење вие ги добивате известувањата, а при второто добивате пристап до разни нагодувања (вклучување/исклучување на бежична мрежа, Bluetooth, локација, авионски мод, авторотација на екранот, пренесување на екранот преку Chromecast. Но добрата работа е што има директен пристап до контролата за осветлување која сега е динамичка (автоматски се прилагодува во зададената вредност од ваша страна).

Screenshot_2014-12-18-11-16-11

E-mail апликацијата ја нема, а на нејзино место доаѓа GMail која е редизајнирана и која ги презема сите ваши сметки за електронска пошта (секако, можете да инсталирате и друга апликација за истото, јас би ја препорачал myMail).

Изгледот на нагодувањата исто така е променет и можам слободно да кажам дека конечно не изгледа евтино и преедноставно.

Settings

Исто така, ја нема ни Gallery апликацијата а на нејзино место доаѓа Photos што според мене е една од ретките негативни промени во Lollipop. Едноставно, Photos изгледа посмотана од претходната и не е јасно зошто Гугл морале да ја променат, но веројатно тие си знаат најдобро самите.

photos

Екранот за отклучување сега може да биде подесен да не ги открива осетливите информации освен ако не ја внесете лозинката/пинот и не го отклучите уредот.

zaklucen

Youtube апликацијата исто така е редизајнирана со новиот Материјален дизајн.

Инаку, јас не заприметив некои подобрувања во однос на користењето на уредот и трошењето на батеријата, иако тоа беше најавувано како позитивна промена. Иако и бежичното поврзување беше најавено како подобрено, во мојот случај јас го искусив токму обратното – истото е влошено и мојот Нексус многу често знае да се исклучи од мрежата и да не се вклучи додека не интервенирам јас и така да прекине нешто што сум пуштил да се симнува на пример.

svetlina i baterija

Заклучок

Lollipop носи многу други промени кои се надвор од доменот на оваа статија.

Новата верзија на Андроид работи одлично (земајќи го предвид решението кое го предложив погоре околу перформансите), изгледа одлично, е прилично стабилна. Таа носи неколку промени во функционирањето на оперативниот систем, но тие што го користеле Андроид досега нема да имаат проблем да се приспособат. Позитивната работа е што Андроид доби т.н. премиум изглед и конзистентност во дизајнот, нешто што фалеше претходно. Сега останува производителите на апликации да го приспособат нивниот дизајн според насоките и пакетот за развивање од Гугл за Материјален дизајн и да се добие една целосна конзистентност во изгледот на идните Андроид верзии.

Генералната оцена за промената е позитивна со некои недостатоци. Во секој случај Гугл го презема вистинскиот чекор кон освежување на нивниот оперативен систем и очекувам проблемите кои се јавија во „девствената“ верзија на Lollipop да бидат исправени со идните надградби.

Претходна статијаBlackBerry го претстави Classic, нов телефон за старите љубители на овој бренд
Следна статијаMicrosoft веќе не мора да нуди избор на прелистувач во Европа