Huawei повторно им понуди добра алтернатива на корисниците на нашиот пазар со нивниот најнов уред од средно високата класа, nova 9. Овој одличен телефон го имавме на тест и можевме лично да видиме за што станува збор, односно дали нашите оценки за уредите од овој производител ќе останат непроменети.

Камерите кој еден смартфон ги има во денешно време е можеби најважниот фактор при одлука за купување, а посебно кај помладите корисници и корисниците токму на оваа класа, односно средната и средно високата.

Huawei како бренд отсекогаш биле познати по одличните камери, односно одличните слики кои корисниците можат да ги сликаат со нивните уреди. За одредени корисници поседувањето на уред со добра камера, значи купување на уред од Huawei, па очекувањата кога се има еден уред од оваа компанија на тест, не се мали.

Карактеристики на камерите

Huawei nova 9 доаѓа со вкупно пет камери, односно четири на задната и една на предната страна. Иако многу веруваат дека бројот на камери не е важен, сепак одредени ефекти се можни најдобро само доколку има различни сензори.

Главната камера кај nova 9 е од високата класа, што е одлична вест за корисниците затоа што сепак не плаќаат за телефон од највисоката класа. Се работи за сензорот од Sony, IMX766 кој има 50 мегапиксели и f/1.9. Оваа карактеристика значи дека може да се очекуваат добри слики во ноќни услови.

Втората камера на задната страна доаѓа со сензор со 8 мегапиксели и е тука за широкоаголните слики, односно кога се сликаат повеќе луѓе или некој пејзаж, на пример. Леќите кај оваа камера доаѓаат со f/2.4, па јасно е дека оваа камера не е наменета за ноќните фотографии.

Стандардно изминатите години, смартфоните доаѓаат со уште две камери кои иако немаат повеќе мегапиксели, нивната намена не го бара тоа. Двете камери кај nova 9 имаат по 2 мегапиксели и едната е наменета за одредување на длабочината при сликањето, со што се овозможуваат и одреден и ефекти, а другата е тука за правење слики од блиску.

Предната, односно селфи камерата има сензор со 32 мегапиксели, а ова е нешто што исто така е карактеристично за оваа класа. Корисниците на оваа класа често прават селфи слики, па потребно е и оваа камера да овозможи одличен квалитет, со оглед на тоа дека можеби и почесто ќе се користи од задните.

Квалитет на сликите

На крајот, можеме колку сакаме да ги гледаме карактеристиките на камерите кај nova 9, сепак, вистинскиот заклучок ќе го добиеме со неговото користење, односно сликање.

Го земавме телефонот со нас исто како да е нашиот главен телефон и одевме каде што требаше тие неколку дена додека го имавме на тест. Се потрудивме да сликаме со цел да добиеме точна претстава какво е корисничкото искуство при оваа активност, а не само какви се сликите кои ги добиваме.

Една од поважните работи при сликање, од нашето досегашно искуство со поголем број на уреди, е брзината на вклучување на апликацијата за камерата, како и брзината на прилагодување во саканата позиција и на крај сликањето на сликите, односно снимањето на видео.

Не секогаш кога се слика се има време да се добие инспирација, па да се насочи кон саканата страна или предмет и полека да се направи саканата слика. Некогаш моментот за сликање поминува брзо, па како реагира телефонот во таквите ситуации е доста важно.

Huawei nova 9 се покажа одлично во било која ситуација која ја имавме при сликање. Не се случува да закочи или да од брзање добиеме заматена слика која џабе е направена, а шансата за второ сликање едноставно не е тука.

Забележавме дека сликите во денски услови, како и што би се очекувале се одлични. Боите се природни, а секако истото може да се прилагоди пред сликањето. Камерите успеваат добро да ги „фатат“ деталите на тоа што се слика, па доколку имате и обичај сликите подоцна малку и да ги прилагодувате, тоа е нешто што нема да мора често да го правите со овие слики.

Квалитетот на сликите е дополнет со одличен контраст и чистина, без потреба од измена на сликите, иако тука е и одличниот вграден „едитор“ кој дополнително ќе ви овозможи да ја добиете саканата слика.

Сликањето во темни услови исто така за нас беше задоволително и најважно од се, успевавме да ја добиеме саканата слика од првото сликање. Ова е нешто што не ретко не е случајот кога се слика ноќе, кога и најмалото поместување на уредот може да доведе до матна слика.

Најважно од сега и мора да се истакне е познатата вештачка интелигенција која како и секогаш прави да не мора да сте којзнае колку способен фотограф за да направите квалитетни и одлични за гледање слики.

Заклучок

Не се сомневавме кога го добивме Huawei nova 9 на користење дека камерите кај уредот нема да разочараат и ќе го покажат стандардниот Huawei квалитет. Изборот на сензор од највисоката класа овозможува да се нема компромиси при добивањето на квалитетот на сликата, па останува само на креативноста на корисникот да ги покаже своите способности при сликање.

Huawei nova 9 може да се купи за доста пониска цена од уредите во највисоката класа, а сепак да се добијат доста од нивните карактеристики.

Претходна статијаTelefónica и NEC најавуваат Open RAN тестови во Шпанија, Германија, Велика Британија и Бразил
Следна статијаBlack Friday 2021 во А1 Македонија со екстра попусти за смарт телефони
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.