Изминатиот период, меѓу другото, го користевме Huawei nova Y70, за наше големо задоволство после одреден период без многу ситуации да ги користиме телефони од овој одличен производител.

Уште поинтересно после тестирање во главно на уреди од високата и највисоката класа, имавме шанса да видиме какво ќе ни биде корисничкото искуство со еден телефон кој не ја надминува границата од 200 евра и тоа доколку се купи надвор од договорите на мобилните оператори.

Карактеристики

Huawei nova Y70 е телефон кој беше претставен оваа година, односно за време на летото, што значи дека се работи за нов модел. Доаѓа со димензии од 168,3 милиметри висина, 77,7 ширина и 8,98 дебелина, како и тежина од одлични 199 грама.

Големината на екранот е 6,75 инчи, што е стандардно за оваа категорија, но можеби и малку голем за некои корисници. Технологијата во која е направен екранот е TFT LCD, очекувано со оглед на класата и има резолуција од 1600 на 720 пиксели, повторно тотално стандардно и задоволително за оваа класа.

Телефонот работи на Kirin 710 чипот кој е изработен во 12nm процес и доаѓа со 8 јадра на процесорот. Тука се и 4GB RAM заедно со 128GB простор за податоците. На прв поглед не се добиваат којзнае колкави очекувања, но ако едно знаеме за перформансите е дека тие многу зависат и од оптимизацијата и софтверот.

Од камери, nova Y70 има четири, односно три на задната страна и една селфи камера. Главната камера на задната страна доаѓа со сензор од 48 мегапиксели и f/1.8, што значи дека може да се очекуваат задоволителни слики во темни услови. Втората камера има 5 мегапиксели и ултра широк агол за сликање од 120 степени, а камерата која е тука за проценка на оддалеченоста на објектите кои се сликаат има 2 мегапиксели. Предната, односно селфи камерата има 8 мегапиксели сензор и f/2.0.

Батеријата кај Huawei nova Y70 е можеби една од најдобрите карактеристики и доаѓа со капацитет од 6000 mAh, нешто што добро го тестиравме каков резултат ќе даде за потребата од полнење, кога ќе се земат во предвид останатите карактеристики кои не трошат толку многу енергија.

Батеријата се полни со брз полнач од 22,5W, што можеби делува како помалку во споредба со некои од кинеските конкуренти, но е повеќе од доволно за пократко време поминато на полначот, а посебно кога ќе се земе во предвид дека со овој телефон тоа и поретко ќе се прави.

Huawei nova Y70 доаѓа и со сензор за отпечатоци кој е поставен на страната во копчето за отклучување, а нуди и избор од три бои, сина, бела и црна.

Дизајн

Huawei nova Y70 доаѓа со стандарден дизајн кој не можеме да кажеме дека се истакнува по нешто посебно, но тоа и не е нешто лошо и не ја намалува вредноста на овој уред. Од Huawei се имаат одлучено за одличниот „солза“ исечок на екранот во кој е сместена предната камера, а најважно од се, зема многу мал дел од екранот и воопшто не пречи во работата со уредот, односно гледањето на содржината.

Од страните телефонот е направен со мазна и доста пријатна за држење рамка, а тоа го „нарушуваат“ само две копчиња, тоа за заклучување и отклучување на уредот, како и копчето за звук. Копчето за заклучување и отклучување е скоро рамно со рамката, а во него е вграден и сензор за отпечатоци на прстите.

Од другата страна се наоѓа само делот за SIM картичката, а на горната страна само еден микрофон наменет за поништување на бучавата при разговорите. На долната страна се поставени влезот за слушалки, микрофонот, USB-C портата и звучникот.

Генерално доста чист и едноставен дизајн кој остава одличен впечаток и е супер при користење на уредот.

На задната страна пластиката е покриена со слој кој доста ја одбива светлината, односно го прави оној познат сјаен ефект, па сината боја која ние ја користиме, добива и впечаток на менување зависно од аголот на гледање.

Модулот за камерите може да се каже дека во исто време е и освежување за ова време на „натпревар“ кој ќе постави почуден модул, како и малку со носталгичен ефект на времето кога телефоните имаа поедноставни модули.

Иако nova Y70 ги нема најмалите рамки околу екранот, сепак може слободно да кажеме дека тие се доста мали и користењето го има модерниот изглед на скоро само екран од предната страна. Ова е посебно добро кога се гледа видео, а малиот исечок на екранот не се случува да се најде во видеото.

Перформанси

Едно од главните прашања кога се користи телефон од пониската класа е какви се перформансите, дали ќе се има проблем со најосновните активности или тоа сепак нема да се случува. Huawei nova Y70 доаѓа со чип кој е од пред неколку години, но од друга страна кога беше претставен, тој беше од повисоката класа, па можеби ова е одлично направена комбинација.

Иако перформансите, односно начинот на функционирање на телефонот, не би можеле да ги споредиме со уредите од највисоката класа кои обично ги користиме, сепак телефонот одлично се покажува на се што правевме. Споредбата со високите класи и не е реална, па ќе се задржиме до конкурентите од истата и сличните класи.

Huawei nova Y70 го користевме за стандардните активности, разгледување на друштвените мрежи, читање новости, книги, гледање видеа на YouTube и слично. Најважно од се е што после два дена привикнување, веќе не ни знаевме дека користиме телефон од пониската класа.

Чипот се покажува одлично и за процесирање на сликите, нешто по кое Huawei се познати, а и самата брзина на сликање е како што треба, би се зачудиле колку посилни модели имаат проблем со овој дел.

Главната улога во овој дел го има батеријата која во комбинација на своите 6000 mAh, одличниот чип, заедно со одличната оптимизација на EMUI 12, успева да издржи повеќе денови, зависно од стилот на користење. Доколку сте таков корисник, батеријата може да издржи и до една недела, како старите телефони порано.

Во нашиот случај, батеријата ја полневме 3 пати во неделата, што е незамисливо во денешно време, а по намалувањето на константното користење на телефонот, почнавме да го полниме 2 пати во неделата.

Повеќето до нас имаат и заборавено колку значи да не мора секој ден да се мисли на батеријата од телефонот и на крајот од денот процентот да е над 60%. Со телефоните од највисоката класа, а посебно при поголемо користење, батеријата треба да се полни и два пати во текот на денот.

Сликите кои ги направивме со Huawei nova Y70 до некаде не изненадија. Телефонот прави одлични слики, а изгледа со Huawei класата на телефонот не прави голема разлика. Деталите се одлични, боите природни, а најважно од се, самиот процес на сликање се прави мазно и брзо.

Софтвер

Huawei nova Y70 доаѓа со EMUI 12 верзијата, односно на оперативниот систем кој од компанијата почнаа да го развиваат самите по проблемите со САД. Секој корисник сега си го поставување прашањето дали вреди да се користи телефон без Google апликациите и тоа што искрено можеме да го кажеме е дека на почеток сигурно ќе имате мал период на привикнување. Одредени апликации не се достапни, односно треба да се симнат како датотека и да се инсталираат, исто како на компјутерите.

Сепак, AppGallery стана доста популарна продавница за апликации изминатите години, па не може да се каже дека има недостаток на добри и познати апликации. Тие неколку кои ги нема, прикажани се како линк од каде веднаш може да се инсталираат.

Посебно се истакнува достапноста на доста од нашите македонски апликации, па како корисник нема да останете без вашата банкарска апликација и слично.

EMUI 12 е интересно направен систем и комбинира неколку стилови на функционирање. Со повлекување од горната лева страна на екранот се добива пристап до известувањата, додека со повлекување од горната десна страна до Control Panel, односно делот каде може да се вклучуваат одредени брзи прилагодувања, звукот и слично.

Од Huawei имаат направено одлична комбинација помеѓу можностите кои ги овозможуваат оперативните системи како Android и некои од одличните и логични идеи кои ги има Apple.

Системот овозможува и одредени уникатни можности, како што е можноста да папките со апликации се направат доста поголеми, поточно колку четири икони. На овој начин важните папки со апликации може да бидат во преден план, а и екранот на овој начин изгледа одлично.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Перформанси
Камера
Батерија
Претходна статијаNASA за првпат ја тестираше можноста за одбрана на Земјата од астероид
Следна статијаКолкави плати земаат програмерите во Македонија? Порталот IT.mk ги објави резултатите од анкетата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
huawei-nova-y70-e-smartfon-koj-ke-go-polnite-samo-nekolku-pati-vo-nedelataHuawei nova Y70 е одличен телефон за кој не треба да се мисли кога е во прашање цената. Од друга страна, покажува одлични перформанси, супер дизајн и квалитет и не остава впечаток дека за него не се платени поголеми суми на пари. Посебно се истакнува батеријата која зависно од користењето може да издржи и до една недела, а во секој случај ќе бара полнење само неколку пати во неделата, па секојдневното полнење на телефонот со nova Y70 е нешто што нема да треба да се прави.