Mate 20 lite е интересен модел од Huawei кој нестандардно беше претставен пред главните, односно „поголемите“ модели од серијата. Ние имавме шанса да го користиме овој одличен телефон кој сметаме дека ќе биде избор на голем број на корисници.

КАРАКТЕРИСТИКИ И ДОСТАПНОСТ

Huawei започна со продажба на Mate 20 lite на почетокот од септември, а им стана достапен на македонските купувачи не многу потоа, односно нешто помалку од 2 недели подоцна.

Телефонот е категоризиран во средно високата класа, меѓутоа ништо на него нема да го „издаде“ тоа затоа што уредот остава навистина премиум впечаток и има одлична изработка.

Mate 20 lite има екран со големина од 6,3 инчи и е изработен во IPS LCD технологијата. Резолуцијата на екранот е со 2340 на 1080 пиксели, а тоа е доволно за нивна густина од 409 ppi. Телефонот работи на новиот Kirin 710 процесор кој е осум јадрен и ги има 4×2.2 GHz Cortex-A73 и 4×1.7 GHz Cortex-A53 јадра. RAM меморијата изнесува 4/6 GB, додека меморијата за податоци вклучува 64 GB простор со можност за додавање на картичка до 256 GB, а местото за картичката може да се користи и за втора SIM картичка.

 

Телефонот има две двојни камери, односно на задната страна има камера со 20 мегапиксели и 2 мегапиксели, додека на предната 24 со 2 мегапиксели. Вториот сензор со 2 мегапиксели и на двете камери е тука за да ја одредува длабочината на сликата и да ги овозможи одличните ефекти на заматување на позадината и слично.

Huawei Mate 20 lite е достапен кај сите партнери на компанијата во Македонија и може да се купи за цена од 24.000 денари, а може и помалку доколку во моментот има промоција.

ДИЗАЈН И ИЗРАБОТКА

Mate 20 lite е така направен да кога првпат ќе го видите сигурно нема да помислите дека се работи за уред со lite додавката во неговото име. Иако се работи за телефон од средната, односно средно високата класа, тој изгледа како да е од високата класа од секој можен аспект.

Изработен е од стакло на предната и задната страна, кое е малку заоблено од одлично се „прелива“ во металната рамка од страните на уредот. Бојата на металната рамка е направена да биде иста со бојата на телефонот, што додава навистина посебен и премиум изглед.

Иако се работи за голем уред, тој сепак како што е карактеристично за телефоните денес, нема до толку големо тело. Тоа е резултат на малите рамки околу неговиот екран, како и исечокот на горната страна кој овозможува уште некој инч на истата големина. Соодносот на екранот изнесува 19,5:9, што е очекувано со оглед на исечокот, а исто така значи дека се работи за доста висок уред и погоден за користење со една рака.

Јас обично не сум баш „фан“ на исечоците на екраните, меѓутоа после недела дена со овој уред, не можам да кажам дека нешто посебно имав проблем со тој дел од екранот. Корисничкиот интерфејс е соодветно прилагоден, па немаше ситуации кога ми пречеше.

Како и да е, за корисниците кои сепак не би сакале да имаат исечок, тој може да биде „тргнат“ со вклучување на можноста во прилагодувањата на телефонот. Сепак имајте на ум дека се работи за LCD екран кој не може црната боја да ја прикаже доволно темно како OLED екраните, па во одредени ситуации повторно ќе можете да забележите дека екранот има исечок. Оваа опција сепак овозможува информациите на екранот да не бидат прикажувани од страните на исечокот, па неговото повремено забележување не би требало да е проблем.

Задната страна на телефонот ги сместува двете камери и сензорот за отпечатоци кои се поставени едни под други со што се постигнува добра линија и изглед. Копчињата за отклучување и прилагодување на звукот се поставени од десната страна, што значи дека остатокот од уредот е прилично „чист и мазен“.

ПЕРФОРМАНСИ

Работата со Mate 20 lite би ја окарактеризирал слично како и неговиот изглед. Иако се работи за уред од средната класа, тоа скоро и да не можете да го забележите при работа со него. Се разбира, тоа доаѓа до израз кога сакате да ги играте некои од посилните игри или кога ќе вклучите непотребно голем број на апликации, меѓутоа 20 lite одлично се справува со тоа што му е дадено како работа.

Процесорот е новиот Kirin 710 кој доаѓа со вештачка интелигенција која веќе е стандардна во посилните модели од Huawei. Ова најмногу доаѓа до израз кај камерите кои поради ВИ имаат многу поголем квалитет од тој што би се очекувал од еден телефон, како и од корисник којшто реално е аматер кога е во прашање добра фотографија.

Вештачката интелигенција има можност да препознае преку 20 сцени и соодветно да ги прилагоди камерите, односно карактеристиките за сликање со цел да се добие најдобрата можна слика во таа ситуација без потреба од прилагодување од страна на корисникот.

Покрај можноста за отклучување на уредот со сензорот за отпечатоци на задната страна кој одлично функционира и лесно се навикнува човек на неговата позиција, Mate 20 lite има и можност за отклучување со препознавање на лицето. Овој систем исто така брзо работи, се користат двете камери за подобра проценка на лицето, па не би требало да е несигурен како обичните кои можат да бидат „излажани“ со слика.

Huawei Mate 20 lite работи на Android 8.1 заедно со карактеристичниот EMUI 8.2. На корисниците им се достапни сите потребни прилагодувања кои се достапни и во моделите од повисоката класа, па повторно би заклучил дека телефонот овозможува одлично корисничко искуство.

На крајот дефинитивно би се сложил со начинот на којшто Huawei го промовира овој уред. Тој е одличен уред со изработка и дизајн кој не секогаш се достапни и кај поскапите модели, а има и одлични перформанси. Ретки се уредите кои нудат вакви можности, а сепак цената да е во некоја „нормална“ граница, односно под 600 евра.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Перформанси
Камера
Цена
Претходна статијаОригиналните заштитни маски за Huawei Mate 20 и Mate 20 Pro пристигнаа во Македонија
Следна статијаРедизајнираниот Messenger 4 почна да им станува достапен на сите корисници
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
huawei-mate-20-lite-recenzijaНа крајот дефинитивно би се сложил со начинот на којшто Huawei го промовира овој уред. Тој е одличен уред со изработка и дизајн кој не секогаш се достапни и кај поскапите модели, а има и одлични перформанси. Ретки се уредите кои нудат вакви можности, а сепак цената да е во некоја „нормална“ граница, односно под 600 евра.