„Колачињата“ од трети страни, како што се нарекуваат и кои се користат за следење на корисниците низ страните кои ги отвораат со цел прикажување на реклами, стануваат скоро бескорисни. Тоа е така затоа што се почесто корисниците ја вклучуваат можноста за блокирање на „тракери“ кај своите прелистувачи, а дел од нив најавуваат и дека планираат целосно да ја тргнат можноста за функционирање на колачињата од трети страни.

Google, кои во основа може да се каже дека се компанија која живее од реклами, очекувано беше дека ќе се обиде да најде замена за колачињата, со цел да може да се продолжи со прикажување на реклами кои се во рамките на интересите на корисниците. Интересите на корисниците се откриваат врз основа на веб страните кои ги посетуваат, а со колачињата од трети страни се имаше точна листа за секој корисник.

Првиот обид на Google беше претставен минатата година и беше наречен FloC – Federated Learning of Cohorts. Овој систем, дел од Privacy Sandbox функција на Google Chrome, групира повеќе корисници врз основа на нивните интереси, односно нивната историја на сурфање.

Сепак овој систем не помина добро кај организациите за приватност, па Google сега претстави нов систем, кој од тоа што го гледаме за неговиот начин на функционирање, треба да е доста повеќе приватен и без можност за следење на корисниците.

Веќе читаме критики и за овој систем, но тоа е и проблемот со организациите во денешно време, немаат осет за генералната слика и во се гледаат потенцијален проблем, дури и кога го нема, а тоа предизвикува друг проблем. Доколку не остане можноста за прикажување на реклами според интересите, интернетот нема да остане бесплатен како сега, а тоа веќе го гледаме кај доста веб страни кои почнаа да наплаќаат претплата за да може да им се чита содржината.

Новиот систем на Google е наречен Topics, односно Теми. Овој систем воопшто не ги групира корисниците, односно не испраќа никакви информации за нивното сурфање на страните. Тоа што го испраќа се темите за кои корисниците се заинтересирани, па врз основа на нив, страната која ја имаат посетено може да им прикаже реклама од таа тема.

Од повеќе илјадници теми кои постојат, во тест периодот Topics системот од Google ќе доделува од 350 теми. Во текот на една недела корисниците ќе им бидат доделувани 5 теми, заедно со една по случаен избор. Темите ќе бидат одредувани локално на уредот на корисникот, односно од страна на Google Chrome, а историјата на сурфање нема да биде испраќања никаде.

Страните ќе добиваат по една тема од претходните 3 недели, а после 3 недели, процесот ќе почне од почеток. На овој начин страните нема да ги добиваат истите теми за корисниците, со што нема да можат да ги идентификуваат и со тоа посебно да ги следат, еден од главните проблеми во денешно време со колачињата.

Google треба оваа година да почне со тестирање на Topics, а во меѓувреме ќе ги следи реакциите од организациите и огласувачите.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаAndroid апликации, подобрувања кај „таскбарот“ и две редизајнирани апликации доаѓаат идниот месец кај Windows 11
Следна статијаSpotify ќе ја тргне музиката од Нил Јанг по несогласувања поврзани со поткастот на Џо Роган
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.