Колку пати пишувавме за уредот за проширена реалност од Apple, а никако врз основа на официјални информации, веќе станува смешно колку пати изгледа се имаат променето плановите. Уредот требаше да биде претставен наводно оваа пролет, па бил одложен за во јуни на WWDC 2023. Оваа информација доста долго издржа, но сега повторно се пишува за ново одложување.
Познатиот Минг-Чи Куо објави дека Apple не биле оптимисти дека уредот за проширена реалност ќе го имал ефектот кој го имаше iPhone кога беше претставен, па повторно го имаат продолжено рокот за производство, па сега се верува дека уредот би бил претставен некаде во третиот квартал од годината.
Можевме да прочитаме дека тимот кој работи зад развојот на уредот секоја година го има презентирано напредокот, а овој месец наводно презентацијата била направена пред 100 од највисоките менаџери во Apple.
Заедно со оваа информација излегоа и информации дека уредот сепак има одредени недостатоци, а наводно и вработените не биле сигурни дека производот е спремен за пуштање на пазарот.
Како проблеми се истакнуваат тежината, достапноста на апликации, траењето на батеријата и слично, а тука е и високата цена од 3000 долари, која можно е да биде и повисока.
Додатни фактори кои влијаеле на одложувањето на претставувањето, според Куо се и економската состојба во светот, како и компромисите кои биле направени на делови од хардверот.
Куо заклучува дека поради ова можно е уредот да не биде воопшто презентиран на WWDC оваа година.
Инаку, WWDC 2023 конференцијата денеска беше официјално закажана и ќе се одржи од 5 до 9 јуни. Првиот ден од презентацијата е денот кога ќе бидат презентирани главните новини кои не интересираат, односно информациите за новите верзии од оперативните системи од Apple.