Паметните часовници почнаа полека да стануваат дел од понудите на производителите минатата и оваа година. Како што тие се развиваат, сигурно корисниците ќе почнат да ги користат овие паметни, наместо „старите и обични“ часовници, се повеќе. Сепак живееме во време кога технологијата навлегува во се повеќе делови од животот, а уредите постепено се претвораат во паметни, па со тоа овозможуваат повеќе функции, како и поврзаност со интернет или некој од другите паметни уреди.
Меѓутоа додека паметните уреди, односно во овој случај часовниците, станат доволно користени од страна на корисниците, можеби сакате да направите нешто за вашиот постар часовник кој што моментално го користите. Ваква можност ви нудат група на развивачи од Toronto, Canada кои што го претставуваат малиот додаток Glance кој што го носите на вашата рака, поточно на ременот од вашиот часовник.
Glance е мал уред кој што е направен во форма удобно и лесно да може да биде поставен на вашата рака. Тој не се поврзува со вашиот часовник, меѓутоа го искористува неговото ременче за да биде сигурно поставен на раката. Се поврзува со вашиот паметен телефон и преку малиот OLED екран ги прикажува најосновните информации кои што ќе овозможат да не мора да го вадите телефонот од џебот. Работи на батерија која што според развивачите трае до една недела, по што треба да се наполни преку вградената USB порта. Се разбира уредот може да се носи и со било кој друг ремен, па не мора да го носите само со вашиот часовник.
Со Glance додатокот можете да видите кој ве повикува, па да одлучите дали сакате да го извадите телефонот или да го одбиете повикот. Можете да ги следите добиените пораки, како и да одговорите со претходно прилагодени пораки погодни за ситуации кога сте на состанок на пример или сте во автомобилот. Glance исто така може да се користи како фитнес уред кој што ги следи вашите чекори или возење на велосипедот, како и далечински управувач за вашиот компјутер или паметен телевизор. Преку едноставни гестови, односно движења на раката можете да ја контролирате вашата презентација, да го контролирате видеото кое што го гледате на телевизорот, а може да се користи и како воздушен маус, па со движењето на раката да го движите и маусот на екранот.
За поврзување со паметните телефони достапна е апликација за iOS и Android уредите, а доколку постои доволно интерес од корисниците ќе бидат направени и верзии за Windows Phone и Blackberry.
Glance моментално е во фаза на прибирање на средства преку Kickstarter и може да се купи по цена од 70 долари за првите нарачатели. Сумата која што треба да ја собере за успешно започнување на производството е 150.000 долари, а во моментот на пишувањето на оваа статија собрана е сума од нешто повеќе од 40.000 долари на 17 дена до истекот на рокот.
Извор: Mashable, Kickstarter