Трета година по ред Samsung заедно со Galaxy S серијата ќе претстави и безжични слушалки, а секој нареден модел е се подобар. Не би изненадило доколку повторно во претпродажба корисниците кои порано ќе го нарачаат својот Galaxy S21, ги добијат новите слушалки бесплатно.
Galaxy Buds Pro треба да е името на годинешните слушалки, кои се сметаат како наследници на Galaxy Buds+ од минатата година, иако Samsung претстави и уште едни слушалки, Galaxy Buds Live минатото лето.
Досега Galaxy Buds Pro постоеја само како неофицијална информација, но Samsung Canada објави страна со овие слушалки и со тоа официјално ги потврди. Со тоа го имаме името на слушалките, како и нивниот модел, SM-R190. За повеќе информации поврзани со нив ќе почекаме уште малку, односно до Unpacked 2021 настанот кој ќе се одржи на 14-ти јануари, на кој ќе бидат претставени Galaxy S21 телефоните.
Од досегашните неофицијални информации за Galaxy Buds Pro може да очекуваме подолго време на користење, активно отстранување на вревата, Dolby Atmos и повеќе. Исто така, овие слушалки ќе го имаат дизајнот на претходните модели, односно нема да бидат како Buds Live.