volvo-face-recognition

Во изминатите неколку години, сведоци сме на огромна примена на нови технологии кај возилата. Кај многу од производителите на автомобили како сериска опрема веќе се вградуваат технологии за самостојно паркирање, препознавање пашаци на патот,  автоматски сопирачки итн. Меѓутоа сите овие системи се само еден вид помагала и истите работат под претпоставка дека возачот е буден. Нивната главна задача е да го алармираат возачот при најразлични “сомнителни” сценарија.

Компанијата Volvo, која има исклучително истакната репутација во однос на сигурноста на нивните возила, токму на оваа тема, неодамна го претстави својот нов концепт наречен Driver State Estimation. Се работи за систем кој со помош на сензори може да утврди дали возачот не внимава, дали е уморен или пак заспан.

Driver State Estimation системот, се состои од минијатурни LED сијалици, кои се поставени на контролната табла, и истите емитираат невидливи инфрацрвени зраци насочени кон возачот. Инфрацрвената светлина се рефлектира од лицето на возачот назад кон сензорите кои исто така се наоѓаат на контролната табла. Потоа со помош на Face Recognition алгоритам, односно алгоритам за препознавање на лицето, системот може да утврди дали возачот е буден или уморен. Оваа карактеристика се утврдува преку мерење на различни фактори, како на пример колку широко се очите на возачот отворени, каква е позицијата и аголот на поставеноста на главата и слично.

volvo-face-recognition2

Оваа технологија која Volvo ја развива, е наменета за ненаметливо прилагодување на автомобилот. Тоа го прави на тој начин што системот ги препознава карактеристиките на возачот и притоа автоматски ги прилагодува седиштата, ретровизорите, надворешното и кабинското осветлување и слично. Меѓутоа, примарна цел на овој систем е ефективно адаптирање на сигурностите системи. Ова значи, самостојно подесување, вклучување/исклучување на Driver Assist функциите како Adaptive Cruise Control, Queue Assist, Lane Keeping Aid, Automatic Collision Preparation, Intelligent Brake Assist итн.

Driver State Estimation системот дефинитивно поседува огромен потенцијал. Овој систем заедно со Face Recognition технологијата може исто така да се искористи како средство за превенција од кражба. Одтука може да заклучиме дека оваа технологија која Volvo ја развива ќе биде многу значајна за сигурноста кај новите модели на автомобили.

Претходна статијаGmail ќе работи само преку сигурниот HTTPS протокол
Следна статијаApple размислува за iTunes Store апликација на Android и сервис за стримување на музика