Google преку својот официјален блог вчера информира дека комуникацијата на корисниците со Gmail серверите од сега ќе се одвива само преку HTTPS протоколот. Поддршка за комуникација преку HTTPS протоколот Gmail има од самиот почеток на овој сервис, а истата стандардно беше вклучена за сите корисници почнувајќи од 2010 година. Со најновата промена корисниците веќе ќе немаат можност да го користат стандардниот HTTP протокол доколку сакаат, односно HTTPS протоколот сега е единствен кој што може да се користи. Причината поради која што одредени корисници не би сакале да го користат посигурниот протокол е потенцијалното губење на брзина, меѓутоа од Google изјавија дека успеале сигурната комуникација да ја направат брза како и обичната.
HTTPS протоколот во основа претставува обичен HTTP протокол за трансфер на податоците преку веб, на кој што е додаден SSL/TLS протоколот за енкрипција на податоците, со што се прави посигурен овој протокол.
Од Google исто така информираа дека покрај енкрипцијата на пораките помеѓу корисникот и Gmail серверот, тие ќе бидат енкриптирани и при нивното префрлување помеѓу Gmail серверите, односно помеѓу нивните различни дата центри.
Според информациите овој потег на Google доаѓа поради се поголемиот број на информации кои говорат за читањето на комуникацијата од страна на NSA. Исто така сигурноста на пораките повторно стана тема откако после веста за апсење на поранешен вработен во Microsoft се виде дека до одредени информации тие имаат дојдено преку читање на email сандачето на нивни корисник.
Извор: Google Blog