Од апликација за патентирање на технологија која што Apple ја има поднесено денес може да се види нов систем за менаџирање на потрошувачката на батеријата на паметните телефони. Овој нов систем се разликува од постоечките кои што функционираат многу едноставно, односно вршат исклучување на одредени функции на телефонот кога истиот е при крај на батеријата со што се овозможува одредено продолжување на нејзиното траење до наредното полнење. Системот кој што го развива Apple може да се каже дека работи многу попаметно, следејќи ги навиките на користење на телефонот од страна на корисникот, како и периодите на полнење, врши прилагодување на функциите на телефонот со што овозможува заштеда на батеријата или подобри перформанси.
Овој систем, наречен „Изведување на корисничката намера преку употребата на батеријата и трендовите на нејзино полнење“, ќе собира информации од повеќе извори и ќе врши нивно комбинирање со цел да одлучи дали е потребно намалување на одредени функции или нивно засилување. Преку тоа користењето на батеријата ќе биде со поголема ефикасност, односно нема да има нејзино трошење кога тоа не е потребно. Системот ќе собира информации од следење на начинот на користење на апликациите, сензорите на телефонот, локацијата, како и безжичната конекција. Системот исто така ќе ја има можноста да собира информации од други апликации, како на пример од календарот, Passbook апликацијата и слично.
Информациите кои што ќе ги добива од сензорите и апликациите ќе му овозможат на системот да оцени дали на корисникот ќе му бидат потребни одредени ресурси и функции на телефонот. На пример, доколку системот заклучи дека корисникот е седнат на кафе, ќе заклучи дека тој ќе сака да го користи телефонот за читање на вести или користење на одредени апликации, со што ќе овозможи подобри перформанси преку вклучување на одредени ресурси. Исто така доколку заклучи дека корисникот е на работа, на пример, каде што поретко го користи телефонот за посериозни активности од телефонски повици, истиот ќе ја намали искористеноста на одредени ресурси со што ќе се заштеди потрошувачката на батеријата. Системот исто така проценувајќи ги навиките на корисникот ќе може да оцени дали е потребно штедење на батеријата на одредени корисници, па така на корисниците кои што цело време користат апликации на мобилниот, нема да врши намалување на ресурсите со цел подобрување на перформансите.
Овој систем ќе работи без потреба од прилагодување од страна на корисникот и без знаење на корисникот. Ќе може да биде интегриран во било кој од производите на Apple, како iPad, MacBook и слично.
Дали овој систем некогаш ќе биде вклучен во производите на Apple не е познато, меѓутоа претставува добар пример за тоа како може да се пристапи кон подобрување на батериите, додека не биде подобрена нивната технологија генерално, односно зголемување на нивниот капацитет.
Извор и слика: Apple Insider