Кога се работи за складирање на големи количества на енергија постојат неколку интересни решенија кои ветуваат енергетска ефикасност на средни и големи нивоа, доволни да опслужуваат цели домаќинства или индустриски капацитети.
Една таква технологија се таканаречените „батерии на течение“ (Flow batteries). Се работи за батерии кои ја складираат енергијата во (некој тип на) течност – електролит. Тие имаат голем капацитет за складирање на електрохемиска енергија. Течноста и нејзината потенцијална електрична енергија потоа може да се пренесе на друго место или пак да се надополни преку едноставно досипување или замена.
Ова е одличен начин за складирање на големи количества енергија произведена од обновливи извори за да може да се врши достава на енергија и кога изворот на енергија не работи, како на пример, навечер или кога нема доволно природно движење на водените површини.
Во оваа смисла, еден тип на ваква батерија наречен rhubarb беше претставена, а во меѓувреме и подобрена од научниците од Харвард. Rhubarb користи течности за складирање кои не се скапи и не се отровни, има долготрајност во капацитетот, лесно се надополнува и оддржува, а има потенцијален капацитет за многу енергија, нешто што е практично неизведливо со стандардните литиум-јонски батерии.
Целта на rhubarb е да постане батерија која ќе ја сместите во подрумот и во комбинација со разни обновливи извори на енергија да го направат вашиот дом еколошки одговорен и енергетски ефикасен и способен.
Научниците од Харвард сега работат на подобрување на дизајнот и заменување на сите скапи компоненти со евтини и лесно достапни, но досегашните резултати навистина ветуваат многу.
Едниот од научниците, Мајкл Азиз, изјави дека „Ова е навистина највозбудливото нешто на кое сум работел бидејќи импликациите се глобални. Убеден сум дека најголемиот предизвик со кој се соочува човештвото овој век е наоѓањето на енергија која ќе може да опслужува цивилизација од 10 милијарди луѓе без неприфатливи ефекти врз околината. Обновливата енергија е во центарот на тој предизвик и ова навистина може да биде значаен нејзин овозможувач“.
Засега оваа технологија ветува многу, па чекаме да видиме како ќе се оствари во блиска и подалечна иднина.
Извор: PRI, Living on Earth