Formula E е пандан серија на Formula 1, но со електрични болиди, која станува се попопуларна и особено многу придонесува за развојот на електричните возила. Сепак, од наредната година работите ќе станат многу поинтересни, бидејќи во болидите нема да има возачи!
Во соработка со Kinetik, сега болидите ќе возат исклучиво со помош на сензорите, слично како автопилотот кај некои од модерните автомобили. Ќе има 10 тимови со по два болиди и сите ќе имаат идентични перформанси, со максимална брзина од 280 km/h, за разлика од болидите кои ги возат луѓе, а кои развиваат 225 km/h.
И пак ќе напоменам – болидите не ги возат луѓе, ниту внатре во болидот, ниту однадвор. Целото возење го прават претходно дефинирани алгоритми. Всушност, вистинската трка ќе биде меѓу програмерите – кој ќе измисли најдобро оптимизиран алгоритам за патеката, ќе победи.
Трката на роботи или Roborace, како што ќе биде официјалното име, ќе се одржува во неколку градови низ светот, како подготовка за главната трка, во која ќе возат луѓе. Ќе биде исклучително интересно да се види која трка ќе биде поинтересна и уште повеќе од тоа, дали ќе има судари на трките со роботизираните болиди.
Многу поважно од спектаклот за гледачите, оваа серија ќе придонесе за многу побрз напредок на полето на автономните возила, но и воопшто на вештачката интелигенција. Според создателот на Kinetik, Денис Свердлов, во иднина сите возила ќе бидат помогнати од вештачка интелигенција и ќе возат на струја, во што целосно се сложувам.
Извор: The Next Web, Autoblog, Autocar