Како ви се допаѓа идејата место десетици патики да купите еден пар кој може да изгледа различно и одлично на секое излегување?

Запознајте се со ShiftWear, чевли кои се обидуваат да го постигнат токму тоа. Се работи за чевли со површина изработена од електронско мастило, слично како кај некој е-читач како Kindle. Со помош на апликацијата за мобилен телефон можете каков сакате дизајн да го префрлите на патиката и таа ќе го прикажува, а ќе можете да пренесете и анимации (!), па дури и бои (нешто што потешко им оди на уредите со е-мастило).

ShiftWear нема да трошат скоро никаква енергија ако не се менува сликата, карактеристика на е-мастилото, а дури се зборува за изведба на самополначки систем базиран на вашите движења. Како што се движите се создава електрицитет кој ја полни батеријата и, ако се движите доволно, нема да морате да ги полните батериите никогаш.

Чевлите ќе бидат водоотпорни и изработени од квалитетни материјали (меѓу кои и кевлар влакна) во едноставен и привлечен стил што треба да обезбеди долгогодишно користење.

Тимот засега бара 25 илјади долари преку Indiegogo кампањата, но и самите се свесни дека ќе им требаат барем 10 пати по толку за да се приближат до остварување на идејата. Сепак, ова е една од оние идеи кои навистина вредат да се поддржат поради генијалноста на истите. Поддршката ќе ве чини 150 долари во најевтината варијанта.

Извор: Engadget, Indiegogo: ShiftWear

Претходна статијаСкладирањето огромни количества енергија станува се’ поизведливо
Следна статијаSF стрипови кои мора да почнете да ги читате