Apple ја пушти финалната верзија од iOS 18 за сите корисници, а меѓу листата на новини ја имаше и поддршката за RCS, која сепак не е толку важна како другите. Оваа новина треба да значи крајот за SMS пораките, но изгледа за тоа ќе почекаме уште некоја година.
Иако повеќето оператори имаат поддршка за RCS протоколот, таа поддршка сепак е за верзијата од протоколот која ја има развиено Google. Apple поддршката ја имплементира со верзијата која доаѓа од GSMA, организацијата која стои зад развојот на овој протокол, што значи дека операторите треба да ја додадат поддршката и за оваа верзија и за iPhone.
Доста мал број на оператори го имаат направено ова, па пуштањето на iOS 18 не ја донесе оваа поддршка за повеќето корисници на iPhone.
Според информациите поддршката ја имаат додадено неколку оператори од САД, Канада, Шпанија, Велика Британија, Германија, Белгија и Франција, додека останатите изгледа не сметаат дека тоа е нешто важно.
Реално ако зборуваме, RCS поддршката е најважна за САД, додека во остатокот од светот комуникацијата во главно се прави преку Messenger, Viber, WhatsApp, Telegram и слични.
Сепак, кога се користат вградените апликации за пораки кои обично се тука за SMS, не е лошо да ја има и поддршката за RCS, па сите корисници, без разлика на платформата да можат да комуницираат со модерните функции кои ги донесува овој протокол, како индикатор за пишување, информација за прочитана порака, поголеми слики и слично.
Тоа што останува за да RCS поддршката на iPhone стане навистина добра замена за SMS е додавањето на шифрирање на разговорите, нешто што во GSMA верзијата се’ уште го нема, но се најавува додавање на оваа функција.