Со пуштањето на финалната верзија од iOS 18 за сите корисници оваа недела, корисниците на iPhone официјално добија пристап до RCS протоколот кој на Android страната веќе со години го заменува стариот SMS протокол.
Додавањето на поддршка за RCS кај Messages апликацијата беше најавено минатата година, а беше резултат на повеќе години кампања од Google, како и новите европски закони.
Со оваа новина, корисниците на iPhone и Android можат да комуницираат со модерен протокол кој вклучува поддршка за испраќање на поголеми слики и други датотеки, индикатори за кога корисникот пишува, информација за прочитана порака и слично.
Ова секако важи за кога се користат апликациите за SMS пораки, па досега корисниците на Android можеа да испраќаат само вакви пораки на своите iPhone пријатели.
RCS поддршката сепак не е достапна веднаш во целиот свет, па на пример иако нашите оператори ја имаат поддршката за протоколот, истата не е дел од листата на Apple.
Од GSMA, организацијата која стои зад развојот на RCS го најавија доаѓањето на протоколот кај iPhone корисниците и најавија дека планираат да вградат од-крај-до-крај шифрирање на разговорите. Ова е нешто што прави голема разлика, па покрај другите безбедносни ризици, се трга и можноста за следење на комуникацијата од страна на операторите.
Корисниците кои го користат RCS преку Google Messages веќе имаат шифрирани разговори, но оваа технологија не е интегрирана во самиот протокол, односно во RCS Universal Profile.
Нема информација за кога се планира оваа нова функција, па може само да се надеваме дека ќе биде во месеците што следат.