ChatGPT добива нов начин на функционирање кој е наменет за корисниците кој го користат овој „четбот“ за пишување текст или код. Новиот интерфејс треба да овозможи доста подобар начин на работа, а со него доаѓаат и неколку нови функции.
Платно, односно „canvas“ е името на новиот интерфејс и тој го дели екранот на ChatGPT на два дела, односно на лев и десен дел. За корисниците кои работат со код ова е доста познат начин на работа.
Со платно, корисниците ќе можат многу повеќе да навлезат во своето барање од ChatGPT, како и да продолжат со измена на резултатот. Досегашниот интерфејс може да се каже дека е повеќе погоден за класични разговори, а кога се работи за текст или код, може да стане малку комплициран.
Дополнителните функции кои стануваат достапни со canvas се можноста да се предложат измени на конкретен дел од текстот, на целиот текст, да се измени должината на текстот, нивото на читателите и слично.
Во случајот со кодирање, „платното“ овозможува да се прегледа кодот, да се додаваат коментари, да се направи исправка на грешки, да се промени програмскиот јазик и повеќе.
Со други зборови, ChatGPT Canvas ќе им овозможи на корисниците да поголем дел од работата ја завршат со „четботот“, за разлика од сега кога е најдобро да го преземат резултатот и да го довршат на друга апликација.
ChatGPT canvas е новина која функционира со GPT-4o јазичниот модел и им е достапен на корисниците на Plus и Team претплатите, а од идната недела и на Enterprise и Edu корисниците.
За бесплатните корисници се планира достапност кога новината ќе излезе од бета тестирање, но нема информација какви ограничувања ќе има, а тоа сигурно ќе го има.
Вклучувањето на canvas може да се направи во делот за избор на јазичен модел, а исто така ChatGPT го вклучува и автоматски кога ќе процени дека овој формат на интерфејсот е погоден за барањето на корисникот.