Ray-Ban очилата од Meta јасно беше дека ќе може да се користат на начин кој дополнително ќе ја доведе во прашање приватноста на луѓето во денешно време, со оглед на вградените камери и дизајнот кој не е очигледен од страна.
Студенти од Харвард Универзитетот ги искористија овие очила за да можат да ги препознаат луѓето со кои се сретнуваат, односно да најдат се што има за нив онлајн.
Во САД, каде има доста повеќе информации за луѓето, со софтверот со вештачка интелигенција кој го имаат развиено, студентите успеваат да го откријат името на луѓето, достапните слики од друштвените мрежи, па дури и телефонските броеви, адреси, работно место и слично.
Тоа што го имаат направено студентите не е со цел да се развие некаков производ, туку да покажат што е можно да се постигне со достапната технологија во денешно време.
Сликата од очилата тие ја имаат поврзано со Instagram, а во продолжение можете да го видите и видеото кое го имаат направено за прикажување на модифицираните Ray-Ban очила.
За идентификацијата на луѓето се користени неколку сервиси, заедно со големи јазични модели кои се користат со вештачката интелигенција и слично.
Иако во денешно време ова може да се постигне со било која камера и телефон, поентата на студентите е дека со очила кои изгледаат како обични очила, луѓето не можат да забележат дека се снимани.