Џон Хопкинс Универзитетот не сопира со работа во сферата на човековото здравје и подобрување на животот. Веќе претходно имаме пишувано за нив, на пример дека според нивните истражувања добивањето рак повеќе зависи од случајноста отколку од водењето здрав живот, како и демонстрација на простетски раце директно врзани со нервите.
Тие во меѓувреме работеле на нешто ново наречено MouthLab. Се работи за исклучително способен дијагностички уред кој ќе може да утврди цела плејада на состојби во врска со здравоста на вашиот организам и тоа само преку неговото ставање во вашата уста.
На него моментално постојат и сензори за брзина на дишење и силина, крвен притисок, температура, ниво на кислород во крвта и внимавајте – електрокардиограм кој мери срцеви ритами! Со помош на сензорите тој може да го измери пулсот на човекот, но во исто време да ги забележи различните типови на срцеви отчукувања (преку правење на ЕКГ) кои би можеле да значат дека се ближи срцев удар.
Тоа сепак не е се`. Имено, се работи на воведување дополнителни сензорски способности како мерење на нивото на шеќер во крвта, метаболичкото ниво на организмот и биохемиска анализа на плунката и издишувањето. Според истражувачите кои работат на уредот, многу од критичните болести оставаат трагови во плунката и во воздухот кој го издишуваме, како на пример, дијабетес и рак на белите дробови. Секако, многу од разните вируси и бактерии се појавуваат во плунката и ќе можат да се анализираат со ваков уред.
MouthLab изгледа како апаратче кое има усница како кај опремата за нуркање. Тој е се` уште во изработка, но и сега изгледа веќе импресивно и доста способно да помогне во навремената дијагноза и лечење на многу болести кои тешко се откриваат и предизвикуваат многу смртни случаи.
Во меѓувреме, можете да прочитате за rHealth, еден уред кој преку малку подруг начин (анализа на крв) ќе има способност да дијагностицира дури до 300 болести со само една капка крв.