Моментално за одредување на точната локација се користи познатиот GPS систем, кој што го има насекаде, од воени системи, па до паметните телефони на обичните корисници. Овој систем и покрај неговите маани, сепак ја завршува својата работа и им ја дава потребната информација на корисниците, а зависно од уредот тоа го прави со различна прецизност.
GPS системот може да се каже дека работи прилично едноставно. Уредот кој што треба да биде лоциран се поврзува со мрежа на сателити во Земјината орбита и за успешно лоцирање потребно е поврзување со најмалку три од нив. Меѓутоа има ситуации каде што не е возможно поврзување со тие сателити, а една од нив е под вода. Ова до некаде претставува потенцијален проблем за подморниците кој што користат акцелерометри за одредување на нивната локација после добивање на последниот сигнал од GPS системите пред нурнувањето под вода. Моментално користените акцелерометарски системи ја одредуваат локацијата и до 1 километар на точност, што не е доволно во споредба со точноста која што се добива со GPS системот.
Уредот кој што се развива се нарекува квантен акцелерометар и е развиван од страна на британската Defence Science & Technology Laboratory. Технологијата која што се користи во овој акцелерометар се базира на откритие од 1997 година. Поточно, технологијата работи преку заробување и ладење на облак од атоми поставени во вакуум до мал дел од степенот над апсолутната нула. Откако ќе бидат оладени, атомите постигнуваат квантна состојба која што е лесно нарушена од надворешна сила. При нарушување на состојбата на атомите се користи втор ласер кој што го следи и мери ова нарушување. Потоа врз основа на тие мерења се одредува движењето на објектот, а со тоа се проценува и прикажува неговата точна локација. За разлика од моментално користените акцелерометри кои што имаат точност и до 1 километар, овие квантни акцелерометри би имале точност до 1 метар, што претставува подобрување од 1000 пати.
Прототип од квантниот акцелерометар ќе биде со големина од кутија за чевли и првпат ќе биде тестиран во Септември 2015 година. Прототипот ќе содржи само една оска, но планирано е поставување на уште 2 групи на ласери и атоми со што ќе се добие мерење на движењето во три димензии.
Доколку биде успешен овој проект, планирано е негово користење во авиони, возови, автомобили, а на крајот и во паметните телефони. Замислен е како дополнителен систем за навигација кога од која и да е причина GPS системот не е во можност да го добие потребниот сигнал.
Извор: New Scientist