Најновата верзија од OS X Mavericks оперативниот систем, верзија 10.9.3, после неколку месеци во бета тест фаза е достапна за сите корисници. Да ве потсетиме, од минатиот месец Apple дозволи пристап до бета верзиите за сите корисници, па веќе не мора да сте програмер со пристап што се плаќа за да можете да ги инсталирате овие верзии од оперативниот систем.
Инсталирањето на најновата верзија се прави едноставно преку App Store, односно преку Apple menu > Software Update, со што системот ќе провери дали се достапни системски или надградби за инсталираните апликации. Надградбата можете да ја инсталирате и преку посебен инсталер кој што може да го симнете преку следниот линк. Како и пред инсталирањето на било која друга системска надградба, се препорачува да ги зачувате вашите важни податоци за да не ги изгубите доколку дојде до одредени проблеми за време на процесот на инсталирање на новата верзија.
Што се однесува до новите работи кои што доаѓаат со OS X Mavericks 10.9.3, тие ги вклучуваат стандардните закрпи на багови, подобрувања на перформансите, сигурносни закрпи, а во продолжение можете да ја прочитате целосната листа на новости.
- Подобрување на поддршката за 4К монитори на Mac Pro (2013) и MacBook Pro со 15 инчен Retina екран (2013)
- Додавање на можноста за синхронизирање на контакти и календарот помеѓу Mac компјутер и iOS уред преку USB конекција (можност достапна во постарите верзии од оперативниот систем, тргната со излегувањето на Mavericks)
- Подобрување на сигурноста на VPN конекциите користејќи IPsec
- Подобрување на сигурноста на копирање, промена и проверка на пермисиите на фајловите на SMB сервер за фајлови
- Исправка на проблем кој што оневозможуваше Font Book да инсталира PostScript Type 1 фонтови
- Подобрување на сигурноста на мрежни home директориуми
- Подобрување на стабилноста при инсталирање на конфигурациски профили
- Подобрување на брзината на најавување за корисниците во Active Directory групите
- Ја вклучува најновата верзија од Safari прелистувачот, доколку веќе ја немате инсталирано, односно верзијата 7.0.3