Многумина од нас би сакале повторно да го видат класичниот Microbus на Volkswagen во некоја модерна верзија. Компанијата во последниве 15 години, инспирирана од овој класичен модел, направи многу концепти, но ниту еден од нив не успеа да стигне до сериско производство. Речиси сите овие концепти беа базирани врз електричен мотор. Истиот случај е и со новиот I.D.-Buzz концепт кој дебитираше на интернационалното автомобилско шоу во Детроит и можеби е со најголеми шанси да стигне редовно производство.

Овој минибус ја користи најновата MEB платформа на Volkswagen која беше претставена на Paris Motor Show. Има 8 седишта кои се поставени во 3 реда и кои лесно можат да се трансформираат со цел прилагодување на различни потреби. Има многу сличности со Chrysler Portal кој беше претставен во Лас Вегас овој месец. Батеријата со јачина од 110 kWh е поставена на „подот“ со цел заштедување на просторот внатре во возилото. Оваа батерија е доволна за 435 километри со едно полнење, а со 30 минутно брзо полнење може да достигне до 80% од капацитетот.

Двата електрични мотори кои се поставени на двете оски помеѓу задните и предните тркала, се доволни за 369 коњски сили. Исто така овој концепт на Volkswagen има поддршка за автономно возење, но треба да се усовршува во иднина.

I.D.-Buzz минибусот се очекува да го види светлото на денот некаде во 2022 година. До 2025 година Volkswagen се очекува да произведе и целосно автономен I.D.-Buzz. Се надеваме дека овој концепт инспириран од класичниот Microbus ќе ја избегне судбината од неговите претходници, од кои е значителнно различен.

Извор: Forbes, AutoBlog

Претходна статијаSK Hynix лансира 8 GB рам меморија за телефоните со најголема густина на чиповите
Следна статијаSamsung батерија за електрични возила со капацитет за 500 км и 20 минутно полнење