За жал, не се работи за концепт на гуми кои што ќе ги видиме оваа година, туку само за концепт направен од страна на студенти како дел од проект на компанијата за развој на нови производи. Сепак, концептите покажуваат што може да очекуваме од одредени производи во иднина, а прават и да сегашните изгледаат до некаде застарено.
Предизвикот кој што го организира Hankook компанијата оваа година е направен од страна на University of Design, Engineering and Business од Pforzheim, Германија. Од повеќе добиени концепти, три се издвоени и наградени.
Овие концепти покажуваат како гумите можат да ја менуваат својата форма и со тоа да се прилагодат на подлогата на која што се вози, како и временските услови. Трите концепти вклучуваат гуми кои што се наменети за теренски возила, возење на снег и возење по влажни коловози.
Гумата која што е наменета за теренските возила е направена од повеќе шестоаголни блокови кои што се наместени еден до друг при возење на обичен пат. При преминување на возилото на терен, односно на неасфалтиран пат, тие се одвојуваат со што се овозможува подобар фат на гумата на патот, а со тоа и подобра стабилност.
Гумите наменети за возење на снег ја менуваат својата големина со што возилото добива можност многу постабилно да вози во такви услови. Менувањето на големината се прави на тој начин што гумата е поделена на повеќе делови кои што се издвојуваат едни од други.
Гумите кои што се наменети за возење на влажни патишта се направени на таков начин што овозможуваат при вртењето на гумата, водата да се насочува кон специјално направени канали. Со тоа водата е исфрлена на страна, а возилото може да вози скоро како на сув пат.
Извор: Gizmag, AutoWorldNews