Вадење крв – една од детските трауми. Дури и кога ќе пораснете тоа е прилично неугодно искуство, особено ако се работи за вадење крв од прст. За среќа, многу технолошки компании работат на решение на овој проблем, а една од нив е Google.
Да, оној истиот Google кој почна како Интернет пребарувач само што го објави својот патент за безиглено вадење крв. Системот би работел на следниов начин: во мало буренце ќе се прати гас под притисок. Тој ќе притисне на микрочестички кои ќе ја дупнат кожата. Потоа, со помош на друг сад со низок притисок ќе се извлече крвта.
Процесот треба да ја намали болката при вадењето и да го олесни истото, што ќе им помогне на дијабетичари и други кои имаат потреба од редовно вадење крв (на пример, во иднина за rHealth). Секако, стекнувањето со патент не значи дека Google ќе започне да работи на конкретен производ, иако во овој случај тие би имале доста голем пазар бидејќи стотици милиони луѓе во светот патат од дијабет.
Инаку Google често се активира во области кои немаат директна врска со технологијата или се далеку од нивната почетна дејност, пребарувањето. На пример, автономни возила, сончева енергија, нараквици за следење на здравјето, воздушно загадување, новинарство и така натаму.