electra-meccanica-solo_100564605_l-930x619

Револуцијата на префрлање од возила со внатрешно согорување кон возила на електрична енергија веќе започна. Tesla, Apple, Honda, Mercedes… сите се ангажирани први да го „фатат возот“ и да навлезат длабоко на пазарот.

Секако, не постојат само тие на пазарот, па така денес ќе ви ја претставиме Solo на Electra Meccanica. Се работи за интересно, помалку бизарно електрично возило кое одлично ќе ги служи вашите потреби за возикање низ град.

Возилото изгледа делумно интересно, а делумно чудно. Причината е што на земјата не се лепи преку 4, туку само преку 3 тркала. Веројатно сите ни текнува на возилото кое го возеше Мистер Бин и кое навистина изгледа бизарно.

Во секој случај не може да се каже воопшто дека дизајнот е лош, баш напротив. Само потенцираме дека ќе ве гледаат чудно кога ќе се паркирате кај вас (а можеби некој паметњачовиќ ќе ви ја изгребе колата од завист). Дополнително, каросеријата е направена од композит од јаглеродни влакна кои овозможуваат да биде многу цврста и лесна во исто време.

Другата бизарна карактеристика е што ова возило може да ве пренесе само вас т.е. само еден човек. Отаде и името Solo. Автономијата на возење со полни батерии е околу 160 километри, што е сосема доволно за извршување на дневните работи во текот на 2-3 дена низ град. Максималната брзина му е 130 км/ч (фабрички ограничена, инаку до 220 км/ч ако употребите некоја хакерска финта), а забрзува од 0 до 100-ка за 8 секунди. Полнењето, пак, на батериите трае од 3 – 6 часа во зависност од тоа дали имате 220- или 110-волтен приклучок.

Внатре во самото возило ќе имате LCD екран кој ви прикажува корисни информации, електрични прозори, задна „рикверц“ камера, радио-клуч, Bluetooth компатибилност и USB порта за поврзување и полнење на вашите преносни уреди.

Да не заборавиме на крај, цената на ова возило е околу 13.350 евра, што не е ни така голема цена за да бидете еден од главните фраери низ градот. Макар и во возило со малку сомнителен дизајн на прв поглед. Ако сте заинтересирани, можете да го нарачате Solo на следнава адреса: Electra Meccanica: Solo.

Дополнителни информации: Business Insider, VentureBeat

Претходна статијаДостапни првите конвертирани десктоп апликации преку Windows Store
Следна статијаKangaroo Notebook е лаптоп со променливи модули