Секој кој се занимава со футурологија, следење на напредокот на технологијата и трансхуманизам не може, а да не прочитал за Реј Курцвејл, познатиот футурист-иноватор кој се занимава со технолошкиот сингуларитет и фактичкото создавање на нови „надлуѓе“ при спојот на технологијата и човечката биологија.
Неговата книга „Сингуларитетот е близу“ (како и другите) во поголем детал ги вклучува неговите предвидувања за технолошкиот развиток (генерално следејќи го Законот на Мур), вклучувајќи ги предвидувањата дека до 2029 г. ќе имаме вештачка интелигенција која ќе го помине Туринговиот тест, а до 2045 ќе настане технолошкиот сингуларитет (точка во времето кога напредокот на технологијата е толку брз што не може воопшто ни да се перцепира).
Според неговата најнова изјава, тој верува дека до 2045 година човештвото ќе ја поседува технологијата за целосно префрлување на човековиот ум и континуитет на мисла во дигиталната сфера, а до 2099 г. ќе ја поседуваме технологијата за сите биолошки делови од нашето тело да ги замениме со технолошки решенија. Овие две предвидувања, ако се остварат како точни, ќе не` направат суштински бесмртни (под услов да го зачуваме континуитетот на нашата „мозочна датотека“).
Според него, „Базирано на конзервативни проценки околу обемот на пресметки кој е потребен за целосно да се симулира човечки мозок, ние ќе бидеме во способност да го прошириме доменот на нашата интелигенција за милијарда пати“.
Во иднината се очекува луѓето да почнат да се префрлуваат да живеат во виртуелен свет налик филмот „Матрикс“ користејќи мозочни импланти (вештачки неврални мрежи) кои се слични по функција со нашите биолошки, но во исто време овозможуваат директна врска на нашиот мозок со компјутерите и Интернетот. Ова ќе предизвика во исто време да ни се смени генералната перцепција за светот, да ни се зголеми капацитетот на меморија како и да се „претопиме“ во виртуелниот свет.
Во меѓувреме, се очекува виртуелните светови да станат целосно реалистични и да не може да се примети разлика меѓу нив и физичкиот свет, а пак физичкиот свет да почне да ја губи разликата од виртуелните бидејќи нано-машините ќе можат во неколку секунди да го создадат или растурат било кој физички предмет.
Веќе постојат многу замени за човековите биолошки органи и делови од телото. Вештачките колена се веќе пракса кај многу луѓе со повредено колено, научниците успеаа да создадат вештачко уво кое ја врши задачата на биолошкото, веќе постојат импланти кои овозможуваат луѓе со дупнато ушно тапанче да можат да слушаат преку директно поврзување со нивниот ушен нерв, постојат вештачки заби и вилици, вештачки срца… Нашиот животен век од пред неколку века е драстично зголемен и во развиените земји очекувањето за должина на живот надминува 80 години.
„Ќе имаме милиони виртуелни околини за да ги истражуваме кои буквално ќе ни ги прошират нашите умови – сега имаме само околу 300 милиони обрасци организирани во грандиозната хиреархија која самите ја создаваме … Но можеме да го направиме овој број да биде 300 милијарди или 300 трилиони. Последниот пат кога го зголемивме со предната мозочна кора (frontal cortex; заб.) ние ги создадовме јазикот, уметноста и науката. Само замислете ги квалитативните скокови кои не можеме ни да ги замислиме денес кога повторно ќе ја зголемиме нашата кора“.
Пред нас дефинитивно лежат интересни времиња за човештвото, а дел од нас ќе бидат живи и доволно здрави за да ги искусиме и да се направиме есенцијално бесмртни.
Извор: DailyMail