Uber-App-Might-Arrive-on-Windows-Phone-Once-Again-413478-2

Пред некој ден си одам дома со такси, зачитан првиот во број на стрипот Hell-boy (не сум знаел дека Hellboy бил всушност демон повикан од нацистите) и не приметив дека таксистот ме украде 10 ден. Му платив 90 ден. а на таксиметарот стоеше 120 ден. – такси компанијата дава попуст од 40 ден (со оглед дека е компанија со која имам одлично искуство, односно станува збор за изолиран случај, не би ја острацизирал тука).

Иронично, но истиот ден читав како Uber, позната модерна компанија од САД која пополека го револуционизира такси-пазарот со инкорпорирање на мобилната технологија во својот бизнис модел, го решава проблемот со „дерење“ на муштерии. Имено, решението е премногу едноставно што воопшто човек почнува да се прашува дали сеуште имаме потреба од сета регулација и скапо платени регулатори, наводно, да се грижат за нас.

Сепак, прво малку за кои се Uber и како функционира нивниот модел. Имено, Uber е фирма предводена од Travis Kalanick, основана во 2009 година, со моментална пазарна вредност од околу 18 милијарди $. Фантастичен успех за неполни 5 години. Како што објаснува и  Kalanick:

2014 беше година на извонреден успех за Uber. Само пред една година ние работевме во 60 градови во 21 земја – денеска ние сме присутни во 250 градови низ 50 земји. Ние сме 6 пати поголеми од пред 12 месеци…овој напредок е извонреден, но следните години се годините кога Uber навистина ќе блесне и неговиот ефект врз градовите ќе биде повеќе од видлив.

Само во 2015 година, Uber ќе отвори над 1 милион нови работни места и со тоа можеби милиони луѓе ќе решат дека веќе не им е потребно возило [каков ли би бил ефектот врз загадувањето во Скопје ако отвориме македонски Uber!?: м.з.], бидејќи  користењето на нашите возила ќе им биде поевтино. Проблемот со паркирањето во нашите најголеми градови ќе се ублажи и гужвите ќе се намалат поради експанзијата и успехот на uberPool [делење на Uber возило со друг, а плаќате иста крајна цена како да се возите сам: м.з.].

Ваквиот прогрес сепак бара сериозни инвестиции.

Токму така. Како што објаснив во претходните текстови, и го поткрепив со емпириски податоци, зошто е неопходно пазарна слобода и развиен капитализам за да одредена иновација стане достапна до обичниот граѓанин, Uber е уште една приказна која оди во корист на оваа теза. Не е доволно да имате идеја и иновативност – ви треба економска слобода и развиен пазар на капитал каде што вашата идеја ќе биде поддржана од луѓе кои ќе го ризикуваат својот капитал препознавајќи ја вашата идеја како можност за заработка во иднина. Не е случајно што Uber е поддржана, меѓу другите и од Google и Goldman Sachs.

И зошто не би била!? Нејзиниот иновативен модел е кул, ефикасен и директно и лесно ги поврзува оние кои имаат потреба од превозна услуга и возачите на Uber. Прво, единствено што ви треба е паметен телефон. Ја симнувате апликацијата на Uber (која за жал не е достапна во Македонија), ја отварате и се регистрирате како корисник со вашата кредитна картичка. Потоа кога ви треба такси, потребен е само еден допир за да бидете лоцирани преку GPS и да ве поврзат со најблискиот возач (симпатичните женички кои работат како диспечерки по нашите такси компании подобро е да почнат да се оспособуваат за нова работа, што поскоро тоа подобро).

Апликацијата ви кажува кој возач ќе ве земе, со која кола и каква оценка има добиено од муштериите и ви дава контакт број случајно да ви е потребен (најчесто не ви е, бидејќи ви стигнува смс кога возачот е на бараната локација). Цената на возењето може да си ја проверите веднаш со внес на почетната и крајната локација, која, логично, има мали варијации во зависност од гужвата. Стигнувате до крајната дестинација и апликацијата автоматски ви наплаќа од вашата кредитна картичка и ви праќа сметка на меил.

Е сега, стигнуваме до делот како го решава проблемот со „дерење“. Прво, автоматски е исклучена можноста да ви наплатат повеќе со злоупотреба на такси-метарот со тоа што се е контролирано преку апликацијата на Uber и ви наплаќаат директно од кредитна картичка. Така да, единствена можност да ве „одерат“ е ако возачот намерно вози по подолг пат, што е особено честа практика со странците во друг град, насекаде низ светот.

Uber има решение и за овој проблем. Ако возачот ви направи ваков трик или пак воопшто е „тапа“ (ви досаѓа, непочитува правила на сообраќај, пцуе и сл.), вие само на крајот го оценувате со 1 звездичка.  Uber го добива овој инпут и соодветно ви ја намалува цената на возењето. Едноставно, тие имаат се што им треба за да ви пресметаат „идеална вожња“ – почетна и крајна дестинација, услови на сообраќај и претходни цени за истата рута. Нека добие уште неколку „кецови“ возачот и лета од работа. Едноставно, елегантно, иновативно.

Зошто Uber не го поканиме во Скопје како акт на отвореност кон иновативноста, претприемаштвото и слободниот пазар?

Претходна статијаВонземскиот живот може да постои, но шансите за контакт се многу мали
Следна статијаПознатиот футурист Реј Курцвејл верува дека до 2045 г. ќе можеме дигитално да ги пренесеме нашите умови