Автомобилската индустрија во последно време посветува големо внимание на таканаречените асистивни системи, системи кои имаат улога да ги помагаат возачите и патниците со разни автоматизирани и полуавтоматизирани системи кои го олеснуваат возењето, го прават поефикасно или побезбедно, а го намалуваат товарот на страната на возачот. Тоа е делумно поради тоа што концептот за стандардно, консумеристичко возило е веќе практично воспоставен: возило кое може да пренесува 5 луѓе, има четири тркала, има простор за товар, умерено троши и без проблем може да извози неколку илјадници километри пред да е потребен сервис.
Во таа смисла, најновата иновација од BMW не треба да се начека со преголемо изненадување. Со помошта на паметен часовник BMW ја развива технологијата на автоматско паркирање наречена Remote Valet Parking Assistant. Во нивната варијанта се работи за простори каде веќе има дигитализирана мапа за паркирање (на пример, на паркинг местото на некој голем трговски центар).
Возачот ќе може да излезе од автомобилот и да му нареди да се паркира и тој, користејќи ја мапата и вградените сензори ќе изврши успешно паркирање на некое слободно место. Возачот ќе може и да го испрограмира возилото да се спреми и дојде на излезот на паркингот кога ќе му биде потребно, така скратувајќи му време и напор да го лоцира.
BMW оваа технологија ја тестира со своето i3 возило. Дали помалото употребување на мозокот при секојдневни постапки како паркирање влијае негативно по нас бидејќи не го подложуваме мозокот на редовна вежба (во овој случај визуелно-спацијална), или пак ни овозможуваат да се ослободиме од досадните задачи за да посветиме повеќе време на суштински работи, останува да видиме.
Погледнете видео од друг систем за асистенција при паркирање, исто така развиен од BMW