87304915

Биометриската идентификација полека, но сигурно навлегува во нашите животи. Идентификација на отпечаток од прсти, изглед на лице, скен на зеница и шареница, препознавање на глас, па дури и на начинот како куцате на тастатура – сето ова (може да) се користи за ваша идентификација. Сепак, дали сте помислиле дека еден ден вашите мозочни бранови ќе се користат за истата намена?

Истражувачот Блер Армстронг заедно со својот тим при Баскискиот центар за когниција, мозок и јазик во Шпанија, успеале со анализа на мозочните бранови на испитаници да утврдат разлики во истите кога ги читале буквално истите зборови. На пример, зборот „бомба“ или „слон“ кај различните луѓе предизвикувале суптилни разлики во мозочните бранови, но доволно диференцирани за да успешно се идентификуваат луѓето во 94% од случаите.

Армстронг и неговиот тим ја извршиле анализата врз еден посебен дел во мозокот кој се занимава со семантичка меморија – меморија за значењето на зборовите и фразите кои ги користиме. Тие го зеле овој метод бидејќи мозокот имал цела плејада на најразлични сигнали кои предизвикувале хаос во анализите, па решиле да се сконцентрираат на овој дел од мозокот. Практично, кога испитаниците ги читале истите зборови тие покажувале суптилни разлики бидејќи значењето на зборовите за различните луѓе не секогаш е исто, а и нивниот мозок и искуства со текот на времето различно се развиле.

Армстронг е убеден дека овој начин е поефикасен од другите начини на биометриска идентификација, особено ако се земе дека може да се користи за т.н. постојана идентификација, „во од“. Иако анализата на мозочните бранови се` уште не е изведливо бидејќи мора да се носат електроди на главата, веруваме дека наскоро ќе стане изведливо. Дали ќе биде етички да може да се прочитаат мислите кога се создаваат кај луѓето постојано и без прекин, а воедно да се знае каде е секој човек преку постојана биометриска идентификација на секој чекор преку најразлични сензори, тоа се прашања кои ќе мораме да ги одговориме во децениите кои доаѓаат.

Извор: Engadget, New Scientist

Претходна статијаReuters: Apple и Android програмерите без интерес за префрлување на нивните апликации на Windows 10
Следна статијаКако технологијата влијае на човековиот опсег на внимание