457253-hands-on-windows-10-for-phones

Microsoft, компанија која што до пред некое време беше дефиниција за оперативните системи, со се поголемото користење на мобилните уреди, никако да успее да се врати во форма. Тие со Windows 8 се обидоа да ги спојат двата света, што во суштина не им беше лоша идеја, меѓутоа тоа не успеаја добро да го реализираат.

Со новиот директор на чело на компанијата, одредени стратегии се променети, па Microsoft дефинитивно врати дел од изгубениот углед во изминатите години. Тие моментално го развиваат новиот Windows 10 кој што изгледа е последната шанса да останат релевантни на пазарот на оперативните системи. Исто така, тие ја променија стратегијата и почнаа да развиваат апликации за конкурентните платформи.

Ова како стратегија е неопходно за одредени апликации, како што се Office апликациите. Office делот во Microsoft носи голем дел од приходите на компанијата, па проширувањето на достапноста на другите платформи е нешто што мораше да се случи. Од друга страна, достапноста на добри апликации на другите платформи, може да привлече дел од корисниците и на платформата од Microsoft.

Еден од клучните фактори за успехот на Windows 10, а посебно на мобилните телефони е достапноста на апликации. За тоа е потребно привлекување на програмерите кои што се’ уште сметаат дека пазарниот удел на платформата е премногу мал за нивниот труд.

Од Microsoft ова се обидуваат да го променат преку моделот на универзални апликации кој што овозможува апликацијата да е достапна не само на мобилните уреди, туку и на таблетите, лаптоп и десктоп компјутерите. Со тоа апликацијата добива многу поголема публика од само таа која што користи Windows мобилен телефон.

Дополнително, Microsoft најави дека ќе им овозможи на програмерите едноставно префрлување на нивните Android или iOS апликации на Windows 10. Тие ќе треба да променат многу мал дел од кодот на апликацијата, па иако тоа нема да биде на ниво на апликација развиена специјално за оперативниот систем, сепак ќе може да функционира добро.

Сепак, посебно во овој период кога повеќето уште немаат шанса да ја тестираат алатката, програмерите не покажуваат некој посебен интерес да почнат да ги префрлуваат нивните апликации на Windows 10.

Оваа информација доаѓа од Reuters кои што имаат разговарано со 12 програмери. Ова дефинитивно не е ни приближно доволно голема бројка да се добие реална слика, меѓутоа сепак покажува дел од расположението.

Од овие програмери 8 рекле дека не планираат да ги префрлат нивните апликации на Windows 10, додека останатите 4 веќе развиваат за Windows и планираат да продолжат.

Што повеќе програмери решат да развиваат за Windows, толку повеќе корисници ќе се одлучат да го користат овој оперативен систем. Меѓутоа, додека програмерите не видат поголем интерес, тие не сакаат да развиваат, што ги става Microsoft во многу незгодна ситуација.

Извор: Reuters

Претходна статијаВидео повиците на Facebook Messenger достапни за сите земји
Следна статијаНапредок во биометриска идентификација со помош на мозочни бранови
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.