Што е подобро од летало? Автономно летало (т.н. дрон). Што е подобро од автономно летало? Такво што може да лета, да плови и да гњури под вода.
Токму тоа го создаде морнарицата на САД и го нарече Flimmer, збор кој е комбинација од flyer (летач) и swimmer (пливач). Прашањето кое логички се поставува е зошто да се направи подморница која може и да лета? Тоа е поради неколку причини. Летањето низ воздух е многу побрзо бидејќи воздухот е далеку поредок и создава помал отпор. Оваа карактеристика ќе овозможи и многу побрзо стратешко разместување на боилиштето, а гњурење за во акција или криење кога ќе се случува акцијата.
Разликата во брзината на движење е забележителна – кога лета ова автономно летало-пливач се движи со околу 130 километри на час, а кога плови со околу 27 км/ч. Сега од морнарицата работат на подобрување на пловните и летачките карактеристики, аеро и хидродинамичноста, робустноста (која е многу битна поради повторувањата на слетувањата и одлетувањата во и од вода) како и на тежината.
Целта на ова автономно летало е да лови непријателски подморници, со тоа што е навистина одлично за истото со оглед на неговата големина која му дава можност лесно да се скрие и да изненадува, а дури и да биде уништено ќе претставува сразмерно помала штета него ли да биде уништена некоја цела подморница. Од морнарицата исто така работат на монтирање на сонар на леталото, со што ќе овозможи активно скенирање за подморници под вода на различни позиции.