Растот на возилата погонувани со водород, но и на сите други уреди кои работат на ваков начин, е ограничен поради недостатокот на тој елемент на земјата во природни услови, иако во универзумот е застапен во убедливо најголем број. Научниците секојдневно бараат начини како да го направат производството на водородот поевтино и почисто, а првите кои излегоа со такво решение се оние од Virginia Tech.
Инаку, водородот се смета како еден од најважните енергенси за иднината, особено за напојување на автомобилите, преку горивни ќелии. Кај нив, водородот всушност се користи за производство на електрична енергија, која потоа ги движи електричните мотори и на излез, ваквите автомобили испуштаат чиста водена пареа, што ги прави многу почисти од денешните автомобили погонувани на фосилните горива.
Според Персивал Женг, еден од научниците во истражувањето, новиот процес на производство на водородот кои го предлагаат тие, во големо ќе придонесе за намалување на користењето на фосилни горива и со тоа намалување на загадувањето. Во овој процес, водородот ќе се црпи од ксилоза, кој е најосновниот шеќер и кој би се земал од остатоците на пченката. Водородот кој се добива со овој процес е исклучително чист и е спремен за користење директно во возилата, а најважно од се, се добива од евтин и обновлив извор.
Комплексниот процес, кој покрај ксилоза вклучува и неколку други шеќери, како глукоза, има целосна искористеност на вложената енергија за производство на чист водород, што го прави уникатен во однос на останатите производствени процеси. И многу важно, ваквиот процес произведува многу малку гасови кои прават ефект на стаклена градина, што го прави водородот како гориво вистински почист од фосилните горива, вкупно во производството и користењето во возилата.
Инаку, годинава беа претставени неколку возила со погон на водород, од кои и првиот сериски ваков автомобил, Toyota Mirai, кој може да помине до 500 километри со еден резервоар водород, а има електричен мотор со 153 КС и 335 Nm.
Извор: RT