Toyota-Mirai_2016 (1)

Најголемиот светски производител на автомобили и еден од најголемите иноватори во својата област, неодамна го претстави првиот сериски автомобил кој се движи на водород, а сега ја претстави и напредната и футуристичка производствена линија.

Со Mirai, од Toyota се очекува повторно да го придвижи светот на автомобилизмот, како што тоа го направи со Prius пред скоро две децении и донесувањето на хибридните автомобили на пазарот. Сепак, овој пат тоа нема да биде толку лесно – конкуренцијата од електричните автомобили, како на пример Tesla е многу голема и веќе маркетиншки успешна, а и производството на водород се уште не е толку исплатливо, а на земјата го нема во голем број, иако е најзастапен во универзумот.

Во своја одбрана, јапонскиот производител тврди дека возилата на погон на водород се многу поупотребливи, бидејќи бараат многу пократко време за полнење и нудат многу повеќе возење со еден резервоар. Во случајот на Mirai, карбонскиот резервоар ќе може целосно да се наполни за само две до пет минути, додека автономијата ќе изнесува околу 500 километри, скоро како кај денешните возила со погон на фосилните горива, што е голема предност во однос на електричните возила.

Toyota-Mirai_2016 (3)

Mirai работи така што преку водородните ќелии, во процес обратен на електролизата, при спојувањето со кислородот и со помош на катализатор, водородот произведува електрична енергија, која потоа се користи за погонување на електричниот мотор поставен во предниот дел. Инаку, силата на моторот е 153 КС, додека вртежниот момент е 335 Nm. Емисијата на ваквите автомобили е чиста, дестилирана вода, што значи дека се водат како автомобили со нулта емисија на штетни гасови.

Особено внимание кај автомобилот е посветено во леснотијата на управувањето, што значи дека Mirai ќе може да се вози како секој обичен денешен автомобил со автоматски менувач. Toyota ветува дека нема да недостасува ниту забава во возењето, додека комфорот и удобноста ќе бидат на највисоко ниво. Нормално, како и кај секоја Toyota, особено внимание се посветува на прецизноста во изработката и целосниот квалитет на возилото. За таа цел, автомобилот е тестиран во северните поларни зони, како и во жешките пустини во Северна Америка.

Toyota-Mirai_2016 (2)

Toyota Mirai ќе се произведува во фабриката “Motomachi” во Јапонија, која е една од најнапредните од својот вид во светот. Од тука, покрај Mirai, се очекува да излезат и неколку други технолошки напредни, футуристички и еколошки автомобили, со кои Toyota ќе треба да го задржи тронот на најголем производител во светот, особено на еколошките автомобили.

Цената на Mirai моментално изнесува 57.500 долари и ќе се продава само на неколку избрани светски пазари, како Јапонија и Калифорнија, каде има развиена структура за полнење водород. Доколку ваквата технологија доживее успех на тие пазари, до 2020 година се очекува проширување на станиците за водород и во многу други поразвиени земји, што значи и поголема адаптација на ваквите возила на светско ниво.

Извор: Ars Technica

Претходна статијаGoogle создаде ВИ која тотално независно учи и создава стратегии
Следна статијаMicrosoft претстави Android тастатура специјално прилагодена за работа со Excel