Ауди во јавноста го обелодени новиот концепт на својот автомобил Ауди А-7 h-tron. Се работи за автомобил кој (ќе) работи на водородни ќелии и се поклопува со целта за нула емисии. Очигледно Ауди сака да постави директен трн во окото на Тесла со нивниот S модел.
А-7 h-tron има одличен изглед што не е чудно да се очекува бидејќи доаѓа од една светски позната авто-компанија, Ауди. Од дизајнот веднаш се гледа дека ова возило не е планирано да служи исклучиво за возење до работното место и назад, туку да влезе во полуксузната категорија на возила за оние загрижени за својот имиџ и статус.
А-7 h-tron има преден и заден електричен погон што го овозможува веќе „славното“ рамномерно забрзување кое го имаат автомобилите со електрични погони, што му овозможува на автомобилот постигнување на 100 км/ч за 7,9 секунди што е во рангот на стандардното забрзување на бензински и нафтени мотори. Со полн резервоар со водород (изграден од 5 водородни ќелии и електричен акумулатор) автомобилот има автономија од 544 километри што е навистина добар резултат бидејќи електричните автомобили често имаат проблем со својата автономија.
Внатрешниот изглед е луксузен и одговара и на другите Ауди А-7 автомобили и веројатно е направен така за прифаќањето на користењето на ваквиот автомобил да биде што полесен и попријатен за клиентите на Ауди. Возачите можат да одберат дали ќе го користат акумулаторот или водородните ќелии, или пак ќе дозволат на самиот автомобил да управува со потрошувачката и да бира што ќе троши. Акумулаторот пак се полни главно од електричната мрежа, но и преку т.н. регенеративно кочење кое користејќи го принципот на електрична индукција создава електрична енергија при кочењето на автомобилот.
При возењето единствено нешто што се создава како остаток од хемиската реакција при согорување на водородот е само мало количество на вода што може да се користи како дестилирана вода. Можеби единствениот проблем е што нема многу станици за водород во светот (кај нас ниту една специјализирана за возила), но тоа по правило не треба да не` спречи, користејќи енергија од обновливи извори (како што е турбина на ветер), да создаваме водород од обична вода и тој да го користеме за возење со некој ваков автомобил.
Извор: CNet, TorqueNews