Последниве две години, една од главните карактеристики на сите паметни телефони од средната и високата класа (освен iPhone, за кој треба да набавите дополнителен полнач) е што можат да се наполнат многу побрзо. Сепак, меѓу сите технологии за брзо полнење има подобри и послаби, а најдобра, барем според тестирањата на Tom’s Guide е Dash Charge на OnePlus.

Јас уште веднаш мора да надополнам дека во тестирањето не се вклучени сите смартфони од високата класа – недостасуваат многу кинески модели за кои производителите тврдат дека имаат најбрзо полнење, како на пример модели од Huawei и Xiaomi.

И тука, можам самиот да потврдам дека споредено со победникот OnePlus 5T, Huawei Mate 10 Pro кој го користам повеќе од два месеци можеби има и побрзо полнење. Исто така, во тестот не е земен предвид капацитетот на батеријата – нормално е помала батерија да се полни побрзо, нели?

Како и да е, OnePlus 5T успева да се наполни до 59%  за само половина час, односно до 93% за еден час, што е извонредно постигнување за батерија со капацитет од 3.300 mAh. Како директна споредба, LG V30 и Note 8 имаат батерија со ист капацитет, но се полнат 53%, односно 35% за половина час.

Од друга страна, со вградените полначи, кои доаѓаат со телефонот, iPhone X се полни убедливо најбавно – само 17% за половина час, односно 37% за еден час – во табелата горе се резултати со дополнително купен полнач кој чини 68 долари. Од него се  побрзи дури и iPhone 8 и iPhone 8 Plus! Да потсетам, смартфоните на Apple имаат и помали батерии од Android конкуренцијата.

Според резултатите, ако ви е многу важно телефонот да се наполни супер брзо, односно ако често заборавате да го наполните на време и ви текнува пред да излезете, OnePlus 5T и LG V30 се најдобриот избор, иако и Pixel 2 XL и Galaxy Note 8 немаат „бавно“ полнење. Во превод, најевтиниот телефон е и најдобар избор! Сличното важи и за траењето на батеријата, иако тука победник е Pixel 2 XL, а губитник е V30 кој се празни многу, многу побрзо од другите телефони.

За iPhone-ите пак, ќе беше добро Apple барем еднаш да донесеше одлука која ќе им користеше директно на корисниците и ќе ставеше побрз полнач во пакувањето, а не како дополнителен трошок поради поголем профит. 68 се премногу врз веќе високата цена на нивните смартфони, особено што производители како OnePlus, кои имаат телефони кои се двојно поевтини, ставаат супериорни полначи (и во однос на тој што чини 68 долари) во пакувањето.

Извор: Tom’s Guide, Engadget, Notebook Check

Претходна статијаНаредната година ќе пристигнат првите смартфони со читач за отпечатоци под дисплејот
Следна статијаРецензија: Huawei Mate 10 Pro е премиум смартфон од елитата