Само пред неколку години, кинеските производители на паметни телефони ги гледавме со потсмев и за кинески телефон се одлучуваа само оние со поплиток џеб или на кои навистина не им беше важен квалитетот на телефонот. Денес, тие не само што имаат високо квалитетни смартфони, туку имаат конкуренти и во највисоката класа. Најдобар пример за ова е Huawei, чија смартфон офанзива не донесе до Mate 10 Pro, еден од најдобрите смартфони на денешницата.

Mate 10 Pro е резултат на постојаното вложување на компанијата во истражување и развој, особено во развојот на нови и напредни технологии како „неврален“ чип со вештачка интелигенција. Да, Huawei е во ретката елита на производители на паметни телефони кои сами ги произведуваат чиповите (Samsung и Apple) – Kirin 970 процесорот не само што има врвни перформанси, туку има и вграден неврален чип, кој е најнапреден во светот и кој во овој поглед, го прави Mate 10 Pro класа за себе.

Но, Mate 10 Pro не е само телефон кој има напреден чип. Тој има цела плејада на други квалитети и предности, кои не само што го прават добар телефон, туку го прават и достоен конкурент на телефони од кадарот на Samsung Galaxy Note 8, iPhone X, Pixel XL и LG V30. Знам, многумина од вас се „вџашија“ кога ја видоа цената на Mate 10 Pro, бидејќи сигурно очекувавте да биде пониска, но за тоа има причина – овој телефон не е само спој на добри компоненти, туку е грижливо развиен паметен телефон кој е тука за да ги задоволи и најпребирливите купувачи.

Дизајн – симетријата е појдовната точка на дизајнерите
Уште при дизајнирањето на Mate 10 Pro, Huawei јасно покажува дека не се плаши да експериментира и да биде различен. Во дизајнот на овој телефон нема ниту една линија која личи на останатите модели во сегментот. Всушност, би рекол дека сите други наликуваат еден на друг и само овој е различен.

Да, Mate 10 Pro има издолжен 18:9 дисплеј со мала рамка во долниот и горниот дел, но дисплејот не е заоблен на страните, а ниту има заоблени агли како сите други модели во сегментот. Назад, особено внимание е посветено на целосната симетрија на телефонот – камерите се вградени по средината на телефонот (не на крајниот агол како кај iPhone X), една под друга и се јасно обележани со една потемна лента, додека лево и десно од нив се блицот и ласерскиот сензор за фокус. Читачот за отпечатоци на прсти е вграден на вистинското место, за разлика од некои други смартфони во класата и одлично го надополнува целосниот изглед на задниот дел. Одлична вест е и што премиум телото е водоотпорно со IP67 сертификат.

Mate 10 Pro е инаку изработен од стакло во предниот и задниот дел и алуминиумска рамка. Изработката е врвна и телефонот делува супер цврсто, како секој друг модел во премиум класата. Бојата на стаклото во задниот дел е под стаклото, што значи дека нема да може да се излупи и истата се прелева зависно од светлината во околината (достапни се и сина и црна боја). Ефектот е прилично забележителен и привлече многу погледи, а потоа и прашања за каков телефон се работи. Mate 10 Pro е навистина секси телефон и ако тоа е одлучувачкиот фактор, со овој телефон нема да погрешите. Напротив, ќе се издвоите од околината.

Дисплејот не е на нивото на AMOLED на Samsung, но и натаму е високо квалитетен
Веќе е и општо познато дека Samsung ги прави најдобрите екрани за смартфони на пазарот (и оној во iPhone X е на Samsung) и Huawei со Mate 10 Pro не го менува тоа. Сепак, и покрај тоа што не е на нивото на екраните на Samsung, OLED дисплејот во знаменосецот на Huawei е одличен, со висок контраст, длабоки бои и одлична видливост на сонце и преку ден.

Всушност, во изолација скоро и да нема човек кој ќе забележи на овој дисплеј. И без грижи – резолуцијата е можеби пониска од таа на блиските конкуренти со 2160х1080 пиксели, но разлика скоро и да нема, освен ако не го залепите дисплејот до вашето око. За нормално читање, гледање видеа и слики острината е и повеќе од доволна, а пофалба заслужува и прецизното автоматско подесување на светлината – исклучително ретко посегнувам сам по слајдерот за да ја наместам светлината на дисплејот.

Kirin 970 овозможува супер високи перформанси
Mate 10 Pro е опремен со најдобриот чип на Huawei во моментов – Kirin 970. Тој тука е помогнат и од 6 GB рам меморија и 128 GB простор, што овозможува супер флуидно работење со телефонот. Всушност, овој модел веќе интензивно го користам повеќе од два месеци и ниту еднаш не сум почувствувал забавување на телефонот – тој работи мазно и брзо кога и да ви е потребен.

Од Huawei ветуваат и дека ваквото мазно функционирање ќе продолжи и во иднина, бидејќи чипот за вештачка интелигенција ги оптимизира работните процеси. Покрај тоа, тој помогнува и во подобрување на работата на камерата, односно во препознавање на тоа што таа гледа преку машинско учење, во побрзо наоѓање на локацијата кога користите навигација (на пример ако влезете во тунел) или преведување во реално време без да има потреба телефонот да е поврзан на интернет, што а одлична вест за оние кои често патуваат.

Се на се, чипот е една од главните предности на овој телефон, од едноставна причина што е развиен од Huawei и оптимизиран да работи со нивниот софтвер, нешто со кое не можат да се пофалат голем број на производители на паметни телефони. Mate 10 Pro е вистинско уживање да се користи!

Батеријата не успевам да ја потрошам во еден ден, дури и ако претерам со користење
Многу производители на телефони годинава ги намалија капацитетите на батериите во нивните уреди, со оправдание дека направиле подобра оптимизација на софтверот. Huawei ги направи и двете работи – го оптимизираше софтверот, односно успеа да вгради дури и Android Oreo, а воедно и го зголеми капацитетот на батеријата, која брои 4.000 mAh.

Благодарение на ова, Mate 10 Pro е телефон кој е еден од најдолготрајните со едно полнење на батеријата. Јас не успеав ниту еднаш да ја потрошам до крајот на денот (од 07:00 до 23:00), дури и со 4-5 часа вклучен дисплеј за гледање видеа на YouTube, фотографии и „сторија“ на Instagram, читање десетици новости преку прелистувач или Flipboard, скролање по Facebook, играње игри итн. Ова е телефон кој навистина трае многу и кој треба вистински да се потрудите да го потрошите до крајот на денот. Со нормално користење, ова е телефон кој ќе трае и ден и половина за многу корисници, што е извонредно постигнување за уред со толку моќни перформанси.

Голема пофалба заслужува и вградениот Huawei Super Charge полнач, кој според Кинезите е најбрз во светот и навистина, брзината со која ја полни батеријата е екстремна. Често, кога заборавав да го наполнам телефонот два дена, ни требаа само половина час пред да излезам да го наполнам до 60% и да имам батерија за цела вечер. Да, додека влезете да се истуширате и облечете, Mate 10 Pro веќе ќе биде спремен со повеќе од доволно батерија. Дополнителен бонус е тоа што ова е првиот брз полнач во светот кој има TUV сертификат за безбедност, што значи дека не треба да се плашите за „самозапалување“, а можам да потврдам и дека телефонот многу малку загрева кога се полни. Мала забелешка сепак на изоставувањето на безжично полнење – ќе беше добро да беше достапно, особено во време кога овој тип на полначи стануваат се попопуларни.

Камерата е една од најдобрите кај сите смартфони
Во 2017 година, скоро секој смартфон од високата класа има квалитетна камера позади и веќе е многу тешко да се најде лоша изведба. Mate 10 Pro е еден од телефоните кој претендира на врвот, со двојна камера која вклучува еден сензор во боја со 12 мегапиксели и f/1.6 бленда и еден црно-бел сензор со 20 мегапиксели и f/1.6 бленда и многу важно, стакло изработено од Leica кое дава супер остри фотографии, со многу малку оптички недостатоци.

Резултатите преку ден се навистина импресивни – црно-белиот сензор е тука за да го зголеми динамичкиот опсег и контрастот на фотографијата и сликите изгледаат одлично, со верна репрезентација боите на сцената. Фотографиите сликани навечер се исто така меѓу најдобрите од сите смартфони, со малку шум и високо ниво на детали.

Фотографиите сликани само со црно-белиот сензор исто така се извонредни и имаат и повеќе детали од оние што се во боја. Поточно, ова се најдобрите црно-бели фотографии од секој смартфон и ако сте за такви, Mate 10 Pro е најдобриот смартфон.

Благодарение на двојната камера, Mate 10 Pro има и „портрет мод“, кој ја заматува позадината, исто како кај професионалните фотоапарати, кој работи навистина добро и повторно, конкурентен е на најдобрите смартфони. Секако, не очекувајте дека тој ќе замени вистински професионален фотоапарат, но за споделување на Instagram резултатите се и повеќе од добри. Предната камера на Mate 10 Pro пак има 8 мегапиксели и е доста солидна, иако би сакал помалку да го „замачкува“ лицето во обид да ги избрише „брчките“.

Нормално, овој смартфон може да снима и 4K видео со 30 слики во секунда и тука вади многу солидни резултати. Благодарение на оптичката и дигиталната стабилизација заедно, видеата ќе изгледаат како да се снимени од статив, дури и ако телефонот константно го држите во рака или пак одите со него. Повторно, одлична работа од Huawei.

Одличен звук од вградените звучници, но без 3,5 mm излез за слушалки
Знаменосецот на Huawei има стерео звучници, од кои едниот е всушност истиот кој се користи за повици и произведува повисоки тонови, додека другиот е поставен во долниот дел на алуминиумската рамка и произведува подлабоки тонови. Звучниците се доволно гласни и произведуваат квалитетен звук и се особено добри за гледање видеа.

Mate 10 Pro за жал го подржува трендот на телефони без 3,5 mm излез за слушалки. Да, во кутијата е вклучен адаптер од USB Type-C кон 3,5 mm, но неретко се случува да затреба аналоген излез за звук и вие да го немате адаптерот со вас, а воедно многу е лесно и да го загубите.

Софтверот е полн со корисни можности, но добро би дошол „помодерен“ дизајн
Mate 10 Pro е опремен со најновиот Android Oreo 8.0, врз кој е ставен EMUI 8.0 софтвер на Huawei. Целосно, софтверот е опремен со навистина корисни можности, пред се вградени од Google во Oreo, како на пример користење на две апликации одеднаш, од кои едната можете да ја лансирате веднаш откако ќе добиете нотификација. На пример, ако гледате видео и некој ви пише на Messenger, нема да треба да престанете видеото – ќе може да ги користите двете апликации одеднаш.

Исто така, со двојно притискање на копчето за „мултитаскинг“ можете брзо да преминувате од една кон друга апликација, што е особено корисно доколку сурфате на интернет и пишувате со некој во исто време, а Huawei се погрижил и копчињата за навигација да може да се адаптираат на потребите на корисникот – достапни се неколку различни подесувања.

Она што најмногу ми се допаѓа кај Android Oreo е вградениот Google Assistant, кој е апсолутно најинтелигентниот дигитален асистент, воопшто. Тој константно ги учи вашите навики, како на пример каде одите на работа и цело време дава релевантни резултати за тоа каков е сообраќајот и дали е умно да тргнете веднаш или откако ќе се испразнат улиците, кога има автобус (или некој друг јавен превоз во друг град, што особено ми помогна лесно да се снајдам во Минхен) итн. Всушност, тој дури и ќе ве потсети да се качите на автобус доколку е последниот во тој ден, за да не одите пешки до дома, или пак да земете чадор утрото за да не наврнете кога ќе одите на работа. И најдобро од се, Assistant го прави сето ова без ваша интервенција – се што треба да направите е да го користите телефонот.

Настрана целосната функционалност на Android Oreo и подобрувањата од EMUI 8.0, единствена работа која малку ми пречи е самиот изглед на софтверот. Едноставно, оригиналниот Oreo на Google според мене изгледа подобро и помодерно, а истото може да се каже и за скинот на Samsung. EMUI 8.0 има многу работи преземено од iOS, но сепак не успева да изгледа толку рафинирано – мене по малку ме потсетува и на „цртан филм“, слично како оној на LG. Да, друг Launcher би можел значително да ги подобри работите, но Huawei треба да поработи на освежување на дизајнот (ова го најави Џим Шу, предводник на Huawei Consumer Business Group).

Заклучок
Доколку успеавте да поминете низ секоја категорија во текстот погоре, научивте дека Huawei Mate 10 Pro е паметен телефон со извонредни карактеристики, кој е особено добар во основните – има одличен дисплеј, супериорни перформанси и трајна батерија, квалитетна камера и премиум изработка. Да, има неколку недостатоци, но нив ги има секој комерцијален уред и плус, тие тука не се претерано изразени, што не носи до многу лесен заклучок – ова е високо препорачлив смартфон за сите кои сакаат премиум искуство и иако чини скоро 800 евра, целосно вреди за парите. Huawei не само што влезе со натпреварувач, туку за многу купувачи има и победник!

Претходна статијаOnePlus 5T е телефонот со најбрзо полнење, според тестирања на Tom’s Guide
Следна статијаSamsung и Amazon Prime Video први со HDR10+ содржина