Apple е особено тивок кога се во прашање спецификациите на нивните iPhone паметни телефони – наместо да ни кажуваат за тоа колку рам има телефонот или пак колкава е батеријата, тие најчесто имаат изјави од типот „двојно побрз од претходникот“ или „20% подолго траење на батеријата од претходникот“. Сепак, особено за посетителите на еден сајт каков што е нашиот, а морам да бидам искрен и за мене, секогаш е важно да ги знаеме бројките кои стојат зад цело тоа “Apple искуство”.

А за Apple искуството кај најновиот iPhone X ќе се погрижат 3 GB рам меморија, заедно со Apple A11 Bionic чипот, кои според сите бенчмаркови кои ги видовме досега, буквално го „бришат подот“ со Android конкуренцијата со Snapdragon 835. Да, многумина ќе кажат дека 3 GB рам се малку за 2017 година и тоа е точно, но само за Android смартфоните, бидејќи оптимизациите на Apple на ова поле се навистина импресивни и телефонот секогаш има доволно рам меморија за да задржи и повеќе од 20 апликации во позадина.

Од друга страна, и покрај оптимизациите и OLED дисплејот, батеријата која има 2.716 mAh се чини како навистина мала, особено што дисплејот има големина од дури 5,8 инчи. Со сигурност, додека телефонот седи во вашиот џеб оптимизациите на Apple Ќе се погрижат процентите на батеријата да паѓаат многу бавно, но кога ќе го вклучите дисплејот, особено ако сурфате или апликацијата има бела позадина, не очекувајте предолго траење на батеријата.

Секако, за овие „обвинувања“ од моја страна ќе треба да почекаме на рецензиите, но најверојатно, како и со скоро секој iPhone досега, со новиот Х не би требало да очекувате дека ќе биде шампион во траење на батеријата. За тоа, Android конкуренцијата има да понуди една цела плејада на телефони со батерии од скоро 4.000 mAh.

Извор: Mashable, MacRumors, The Verge

Претходна статијаСо новата LTE напредна технологија, Неотел овозможува поквалитетен и побрз интернет
Следна статијаБил Гејтс не се согласува со Маск по прашањето за AI технологијата