Денес ќе биде претставен новиот iPhone смартфон без рамка околу дисплејот, заедно со наследници на iPhone 7 и iPhone 7 Plus, кои ќе бидат помалку импресивни смартфони. Досега ги дознавме веројатно сите поважни информации за ексклузивниот iPhone без рамка, а сега може да потврдиме и дека ќе се вика iPhone X.

Имено, името на телефонот го има во “firmware” за iOS 11, кој ќе се вградува во овој смартфон и кој протече онлајн, нешто што на Apple веќе скоро редовно им се случува. Со ова име, Apple веројатно ќе сака да ја нагласи 10 – годишнината од лансирањето на првиот iPhone и токму со овој импресивен модел да го означи роденденот на најпопуларниот телефон на планетава.

Покрај информациите за името, има и такви кои велат дека iPhone X ќе биде опремен со процесор со 6 јадра, од кои две ќе бидат моќни, а четири штедливи. Сепак, разликата во однос на сите претходни iPhone-и е што сите јадра ќе можат да се користат заедно, што би можело да овозможи прилично голем скок во перформансите и што скоро сигурно ќе го направи iPhone повторно најбрз смартфон во светот (титула која според тестовите онлајн му беше одземена од OnePlus 5).

За жал, остануваат и најавите дека iPhone X во почеток ќе се испорачува во помали количини, поради неможност на добавувачите да произведат толку голем број на OLED дисплеи, што би значело дека овој телефон ќе биде извонредно тешко да се набави до крајот на годинава.

Извор: The Verge, Engadget, ZDNet

Претходна статијаПоради вонредните услови на Флорида, Tesla возилата можат да поминат дополнителни 50 км
Следна статијаRED откри како работи холограмскиот дисплеј за нивниот Hydrogen смартфон