ARM, компанијата која стои зад дизајнот на повеќето чипови кои ги користиме кај мобилните, таблет компјутерите, како и се поголем број на компјутери, ја претставија наредната генерација од нивните дизајни за процесори кои ќе се користат од производителите.

Подобрувањата на перформансите во споредба со минатата година на прв поглед не делуваат како големи, но кога ќе се земе во предвид намалувањето на потрошувачката, новата генерација на процесори доаѓа со доволно новини. Од компанијата истакнуваат дека повторно имаат постигнато двоцифрен број за подобрувањето на перформансите, па тие сметаат дека имаат постигнато доволно.

Cortex-X4 јадрото, кое се користи кај уредите од највисоката класа, доаѓа со 15% подобри перформанси во споредба со ланската верзија, но затоа донесува одлични 40% подобра ефикасност, односно потрошувачка на енергија.

Другите јадра, кои се користат за стандардните активности на уредите, како и за заштеда на енергија доаѓаат исто така со 15% подобрување на перформансите и 15% подобра ефикасност.

Тоа што посебно го истакнуваат од ARM е подобрувањето кај новата генерација на графички процесори. Се работи за 5та генерација на архитектурата која се користи за нив и истата донесува подобрување кај 3D апликациите, најчесто игрите, како и приближување на искуството како кај тоа на компјутерите и играчките конзоли. Оваа генерација донесува и поддршка за DVS, односно Deferred Vertex Shading, па корисниците кои играат игри ќе можат да ја забележат разликата.

Оваа нова генерација можеме да ја очекуваме кај чиповите од Qualcomm, како и кај MediaTek, од поголемите компании, а ќе видиме и дали нешто од ова ќе го користи Apple за нивните чипови.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2ARM
  • ОЗНАКИ
  • ARM
Претходна статијаGoogle го промени начинот на синхронизирање на контактите на Android телефоните
Следна статијаApple Music Classical достапна за корисниците на Android
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.