Оваа година Apple конечно го претстави долго очекуваниот смартфон со мала рамка околу дисплејот, но компанијата нема да застане тука. Наредната година тие планираат да го направат истото и со „нормалните“ iPhone модели, кои исто така ќе добијат помала рамка околу екраните, со таа разлика што екраните ќе бидат LCD, веројатно поради тоа што Apple не може да најде добавувач кој може да изработи толку многу OLED дисплеи.

Според достапните информации во моментов, дисплеите ќе бидат набавени од еден од најголемите производители во светот JDI (Japan Display), компанија која веќе има технологија за LCD дисплеи со многу мала рамка. Ова и не е изненадување, бидејќи Apple веќе работи со јапонската компанија за набавка на дисплеи за нивните iPhone 8 и 8 Plus смартфони, како и за многу модели во минатото.

Дали новите смартфони со мала рамка целосно ќе ги заменат стандардните iPhone телефони со веќе прилично застарениот дизајн е рано да се каже, но според мене ваков потег на Apple е очекуван, особено што конкуренцијата веќе почна да нуди и телефони од средната класа со помала рамка околу екранот.

Според досегашните информации, модел со дисплеј со големина од 6 инчи и 18:9 сооднос сигурно ќе биде лансиран, кој би го заменил iPhone 8 Plus во понудата.

Ова се сепак информации за модели кои треба да бидат лансирани за една година отсега и јас би ги примил само како шпекулација, особено што фокусот на купувачите сѐ уште е кон iPhone X, новиот импресивен модел на Apple кој за жал сѐ уште не може да се купи, односно за тоа ќе треба да се почека до ноември.

Извор: IBT, PC Mag

Претходна статијаСиликонската долина повторно во Скопје
Следна статијаСоларен паметен часовник може да се напојува целосно преку енергија од светлина