Паметните часовници се уреди кои дефинитивно не ја доживеаја очекуваната популарност, пред сѐ поради тоа што не нудат ништо вистински ново, а и имаат прилично кратко траење на батеријата – луѓето се дефинитивно навикнати да не ги полнат своите часовници со месеци или дури и години.

Сепак, не е сѐ загубено – нов стартап наречен LunaR спрема нов паметен часовник, кој има проѕирен соларен панел во предниот дел развиен од компанијата Sunpartner Technologies.

Овој соларен панел му овозможува на часовникот целосно да се напојува од светлина од околината, било дали се работи за светлина од сонцето или пак вештачка светлина.

Според компанијата, корисникот на овој часовник може да го користи и повеќе од година само со помош од надворешната светлина, што делува навистина импресивно и што е карактеристика која може да им даде повторна шанса на паметните часовници.

Часовникот е пред сѐ наменет за фитнес ентузијастите, односно оние кои ќе поминуваат повеќе време надвор од дома. Во такви услови часовникот би бил секогаш добро наполнет, а воедно има и доволно можности кои ќе им бидат од корист на таквите купувачи, како мерење на чекорите и дистанцата, но и други способности на паметни часовници, како нотификации за повици, пораки и од социјалните мрежи.

LunaR нагласува и дека овој часовник е отпорен до 50 метри под вода, што е уште една одлична вест.

LunaR часовникот е во моментов Kickstarter кампања и сите кои сакаат да го имаат на својата рака ќе треба да одвојат 138 долари во преднарачка, додека цената откако ќе биде лансиран ќе изнесува 239 долари, што и не е премногу за паметен часовник кој воопшто нема да има потреба да го полните.

Извор: New Atlas, Global Spec, Kickstarter

Претходна статијаНаследниците на iPhone 8 и 8 Plus ќе имаат мала рамка околу дисплејот, исто како iPhone X
Следна статијаМаск предлага користење ракети за комерцијални летови