image-left-cyan-hero-e1400563125164

Microsoft денеска го одржа Surface настанот за новинари, како што беше најавено на почетокот од овој месец. Очекувани да бидат претставени на настанот беа два нови Surface таблет компјутери, односно помалата верзија Surface Mini и Surface Pro 3 со поголем екран од претходната генерација. Сепак, како што и неколку извори кажуваа, mini верзијата не беше претставена, па настанот беше посветен за Pro 3 и новите карактеристики и функции воведени со овој уред.

Microsoft новиот Surface Pro 3 го претстави како уред кој што ќе го замени вашиот лаптоп компјутер, кој што во основа сепак е таблет. Првата главна новина, која што беше очекувана од шпекулациите, е 12 инчниот екран со нестандарден формат од 3:2 и резолуција од 2160 x 1440 пиксели. Иако поголем од својот претходник, Surface Pro 3 е потенок со дебелина од 9,1 mm, што беше претставено како најтенкиот уред со Intel процесор некогаш направен. Тежината на уредот исто така не е зголемена со неговата големина, па тој тежи 800 грама. Уредот доаѓа со избор од Inter i3, i5 и i7 процесори, 4 до 8GB RAM меморија и 64 до 515GB вградена меморија за складирање. Ќе започне со продажба од утре, на американскиот пазар, со почетна цена од 799 долари.

Screenshot 2014-05-20 17.21.27

Карактеристично за Surface таблет компјутерите е Kickstand држачот кој што овозможува тој да биде поставен на маса, во скут, односно во ситуации кога не го држите како таблет. Во првата верзија тој доаѓаше со можност за поставување под еден агол, а во втората тоа беше зголемено на два. Surface Pro 3 доаѓа со Kickstand кој што може да се намести во било која позиција, односно може да се поместува како што сака корисникот.

image-037-e1400563274656

Со новата генерација на таблет компјутерот претставена беше и нова Type Cover покривка/тастатура. Новата тастатура доаѓа со поголем track pad преку кој што може да се користат сите гестови карактеристични за Windows 8 оперативниот систем. Исто така покрај стандардниот начин на закачување преку магнетите на Surface уредот, доаѓа со можност за дополнително закачување со што се добива нов агол за користење на тастатурата. Овие позиции може да ги прилагодува корисникот зависно од неговите потреби, односно позицијата во која што го користи уредот. Целта на Microsoft е да овој уред можете да го користите во било која ситуација и позиција која што ќе посакате.

image-024-cyan-e1400563534859

Важен дел од новиот уред е пенкалото со кое што можете да пишувате и цртате на екранот. Microsoft сакаат овој уред навистина да го користите за сите ваши потреби, па со позициите во кои што може да се постави во комбинација со пенкалото, Surface Pro 3 треба да ја замени хартијата која што ја користите за пишување на забелешки. Интересна функција вградена со пенкалото е вклучувањето на уредот директно во OneNote апликацијата кога ќе притиснете на него, односно како да вклучувате обично хемиско пенкало. Исто така со две притискања на пенкалото тоа што е моментално на екранот се отвора како слика во OneNote и можете да ја менувате за вашите потреби.

Претходна статијаTails 1.0: Linux дистрибуција која ја штити вашата приватност
Следна статијаКинеската влада забрани инсталирање на Windows 8 на владините компјутери
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.