Пред помалку од месец дена за пошироката јавност стана достапен Tails (The Amnestic Incognito Live System) верзија 1.0. Станува збор за Linux-базиран оперативен систем развиен со цел да ја штити приватноста и анонимноста на корисниците.
Првата јавна верзија од она што прерасна во Tails беше објавена во 2009 година и се нарекуваше Amnesia. Tails 1.0 го одбележува 36-тото стабилно издание оттогаш.
Овој оперативен систем е најпознат по тоа што е избор на корисници кои бараат анонимност на интернет, како на пример Edward Snowden, поранешен советник на NSA. Snowden и стана познат на јавноста по објавувањето на илјадници класифицирани документи кои ги стекнал во времето кога бил советник на NSA, како дел од IT консултантската фирма Dell и консултантската фирма Booz Allen Hamilton.
Tails е оперативен систем кој може да се стартува на речиси секој компјутер од DVD, USB стик или SD картичка, независно од оригиналниот оперативен систем на компјутерот. Зафаќа помалку од еден гигабајт, има потреба од најмалку 1 GB RAM и побарува компјутер со x86 процесор. Tails овозможува анонимно користење на интернет како и заобиколување на цензура речиси секаде, од било кој компјутер без оставање на траги, освен ако тоа не е експлицитно побарано од корисникот. Софтверот е бесплатен и е базиран на Debian GNU/Linux и е последно издание кое го користи Debian 6.0 (Squeeze), следните дистрибуции на Tails ќе користат Debian 7.0 (Wheezy).
Tails доаѓа со неколку вградени апликации конфигурирани така што сигурноста е земена во предвид. Некои од нив се веб пребарувач, instant messaging клиент, е-mail клиент, office suite, едитор на слика и звук.
Заштитата на приватноста на корисниците се потпира на Tor мрежата за анонимност, односно целиот софтвер е конфигуриран да се поврзе на интернет преку Tor, а во случај да некоја апликација се обиде да се поврзе директно на интернет, конекцијата автоматски се блокира. Tor обебедува заштита преку рутирање на сообраќајот низ дистрибуирана мрежа која е раководена од волонтери низ целиот свет.
Сигурноста е обезбедена на тој начин што Tails е конфигуриран да не ги користи компјутерските хард-дискови. Единствениот простор за складирање кој се користи е RAM, која автоматски се брише кога се исклучува компјутерот. Некои Linux дистрибуции (http://en.wikipedia.org/wiki/List_of_Linux_distributions_that_run_from_RAM) веќе го дозволуваат тоа, но Tails воопшто не е наменет да биде инсталиран на хард-дискот, и целта му е да обезбеди целосна “амнезија”. Одредени документи можат да се зачуваат со експлицитна корисничка акција, но по default ништо не се зачувува и софтверот врши енкрипција на сите надворешни дискови.
Анонимниот оперативен систем доаѓа и со серија од алатки за силна енкрипција за заштита на податоци како LUKS за енкрипција на USB стикови и екстерни хард-дискови, HTTPS Everywhere за автоматска енкрипција на сите комуникации, OpenPGP за енкриптирање и потпишување на е-meil и други документи и ОTR за заштита на instant messaging.
Tails предупредува за некои проблеми против кои не може да се бори, како одредени шпионски напади кои NSA може да ги спроведе, како и предупредува за фактот дека провајдерите на интернет сигурност можат да дознаат дека корисник употребува специјализирани алатки како Tor. За да се спречат видливи знаци од оперативниот систем, Tails може да употреби “Windows Camouflage” за да одвлече внимание.
И покрај недостатоците на кои секојдневно се работи, според објавите на тимот кој стои зад Tails, овој оперативен систем доживеа пресвртница по речиси 5 годишен развој и конечно стана достапен за секој кој има потреба од приватно и анонимно користење на интернетот. Анонимниот оперативен систем може да се превземе од следниот линк.