Кинеската влада забрани инсталирање на Windows 8 оперативниот систем од Microsoft на сите нови десктоп, лаптоп и таблет компјутери, според информација објавена од страна на Центарот за набавки на централната влада. Одлуката се однесува за сите владини служби, а обичните корисниците ќе останат надвор од неа, односно ќе може да инсталираат што сакаат. Владините служби ќе може да го инсталираат кој оперативен систем сакаат, освен Windows 8.
Причината за ваквата одлука е прекинувањето на поддршката за Windows XP на кој што работат поголемиот број на владините компјутери, а овој оперативен систем има повеќе од 50% од кинескиот пазар. Со цел да се заштити од идни вакви ситуации каде што оперативниот систем кој што го користат веќе не е официјално поддржан од производителот, тие најверојатно ќе почнат процес на префрлување на компјутерите на Linux. Со прекинот на поддршката за Windows XP, Microsoft остави голем број на корисници отворени на ризик, а некои од нив решија да платат за продолжување на истата.
Canonical, производителот на Ubuntu, во соработка со кинеската влада има изработено посебна верзија од овој оперативен систем за кинеските корисници, наречена Kylin, па постои можноста за започнување на користење на ова решение.
Доколку оваа одлука е навистина таква и е дефинитивна, ќе претставува проблем за Microsoft кои што се борат да ја зголемат прифатеноста на Windows 8 оперативниот систем. Кинескиот пазар е доволно голем за да можат да дозволат да имаат многу мала продажба, па ќе биде интересно да се види каква ќе биде реакцијата од компанијата на оваа најава.