lg-v10 (4)

Заборавете на G4 – најдобриот телефон на LG сега е V10! Изработен со рамка од челик и заден поклопец од силикон, две селфи камери и двоен дисплеј, V10 има можности и функционалности како ниту еден телефон досега!

Да почнеме од дисплеите. Главниот има големина од 5,7 инчи во дијагонала и Quad HD резолуција од 2560х1440 пиксели. Вториот дисплеј е своевидно продолжение на нормалниот во горниот десен дел и има резолуција од 1040х160 пиксели и дијагонала од 2,1 инчи.

Идејата зад овој дисплеј е секогаш да покажува нотификации, дури и кога е исклучен телефонот, а преку него може да се лансираат често користени апликации, да се отворат омилените контакти, како и да се користи за брз мултитаскинг додека сте во друга апликација.

lg-v10 (3)

Овој дисплеј, иако е продолжение на поголемиот, има посебен драјвер, што значи дека може да биде запален без да се пали другиот дисплеј, што пак значи дека телефонот ќе може да ги покажува нотификациите без да троши многу од батеријата – LG вели дека на дневна база, овој екран ќе троши само 5% плус.

Втората функција по која се разликува овој телефон од се што сме виделе досега, се двете предни селфи камери од 5 мегапиксели. Зошто две се прашувате? LG вели дека со нив, корисникот сега ќе може да слика ултра широко селфи за групните фотографии и дека со ова решение нема потреба од селфи стик. А најдобро од се е што корисникот ќе има избор – користење на една камера за поединечно селфи, односно на двете за групни селфи. Одлично решение!

lg-v10 (2)

Самиот телефон е изработен од челик, кој е многу поцврст од алуминиумот, напред има двојно Gorilla Glass 4 стакло, додека поклопецот во задниот дел е од силикон, кој исто така е издржлив и флексибилен. LG велат дека овој телефон ќе биде најиздржлив во класата и дека нема да има проблем ако случајно ви падне на подот, во што, според компонентите и не се сомневаме.

Во внатрешноста компонентите се скоро исти како кај LG G4 – Snapdragon 808 процесор, сега помогнат од 4 GB рам меморија и 64 GB простор за складирање податоци со можност за проширување преку micro SD картичка. Вграден е и читач за отпечатоци на прстите, додека батеријата има 3000 mAh.

lg-v10 (5)

Задната камера има 16 мегапиксели и најбрза бленда во класата од f1.8, што ќе придонесе за многу посветли и поквалитетни фотографии навечер. LG се гордее пред се со видео можностите – апликацијата за снимање видео има професионални функции, како избор на тоа кој микрофон да прима најмногу звук (а ги има 3) или пак неколку различни соодноси и резолуции како 4K UHD и Full HD во 21:9 и 16:9.

Цената на LG V10 се уште не ни е позната, но според можностите, очекувајте да биде на нивото на Galxy Note 5 и iPhone 6S Plus. Телефонот е достапен во пет бои: бела, црна, беж и две нијанси на сина и секако доаѓа со инсталиран Android Lollipop.

lg-v10 (1)

Извор: GSM Arena, Android Central, The Verge

Претходна статијаСноуден не ги исклучил email известувањата од Twitter и добил 47 GB од нив
Следна статијаНаучник работи на крема за сончање со помалку хемикалии