Како што веќе најавивме неколку пати, Apple на WWDC ја прошири iPad понудата со нов модел со големина на дисплејот од 10,5 инчи, кој ќе има Pro во името, што значи дека ќе биде наменет за оние кои ќе сакаат да завршат и работа на својот таблет. Покрај него, Apple го освежи и поголемиот 12,9 инчен модел.

Новиот модел со големина на дисплејот од 10,5 инчи не донесува некои особено големи изненадувања. Процесорот е целосно нов – Apple A10X скоро сигурно ќе биде најмоќниот ARM чип во моментов, а тука ќе биде помогнат и од моќна графика со 12 јадра. Дисплејот ќе има “Retina” резолуција, но многу поважно ќе работи на 120 Hz и ќе има HDR и True Tone поддршка, што може особено многу да помогне во квалитетот на видео содржините, но и при цртањето со Apple Pencil. Сите овие подобрувања ги има и 12,9 инчниот модел.

Покрај тоа, новите модели имаат и одлични камери, слични на оние од iPhone 7 – задната има 12 мегапиксели, додека предната има 7 мегапиксели. Ова е скоро сигурно направено со цел апликациите со изменета реалност да можат подобро да ја видат околината, нешто во кое Apple најави дека особено многу ќе вложува во наредниве неколку години.

Apple ветува и дека батеријата ќе може да издржи 10 часа со едно полнење, што е солидно, но не е компетитивно како претходниците, бидејќи денес и Windows конкуренцијата може да извади такви бројки. Затоа, телото на самиот таблет е многу мало – 10,5 инчниот модел има многу помала рамка околу дисплејот и целосни димензии кои се слични на 9,7 инчен модел.

Цената на новите iPad Pro модели почнува од 649 долари за 10,5 инчниот модел со 64 GB простор и Wi-Fi, односно 779 долари за модел со 64 GB и 4G конекција. Поголемиот 12,9 инчен модел чини 799 долари за Wi-Fi модел, односно 929 долари за 64 GB модел со 4G конекција. Ова се прилично компетитивни цени со Windows конкуренцијата, но како и претходно, главна „болка“ кај iPad Pro серијата се доплатите – само Apple Pencil чини 99 долари, а скоро двојно повеќе дополнителната тастатура.

Извор: The Verge, Wired, Apple

Претходна статијаApple го претстави iOS 11 – донесува значајни подобрувања и нови функции
Следна статијаApple ја претстави новата верзија од macOS наречена High Sierra