На својата WWDC конференција која се одржува оваа недела во Сан Хозе, Калифорнија, Apple ја претстави најновата верзија од нивниот iOS оперативен систем, iOS 11, која ќе биде достапна за корисниците од оваа есен.

Како што истакнаа и од компанијата на презентацијата, оваа верзија од iOS е прилично голема надградба, која донесува доста значајни новини за корисниците, но и за програмерите, се разбира.

Па, да одиме по ред. Што се донесува новиот iOS 11:

Files апликација

Може слободно да се каже една од најкорисните новини во iOS 11. Можеби звучи чудно, но корисниците на iOS долго време немаа класична апликација за прегледување и менаџирање на фајловите на уредот. Files апликацијата, како што би се очекувало овозможува преглед и пристап до фајловите на уредот, како и тие во облакот.

Подобрувања за iPad

Главните новини во претходните верзии од iOS кога е во прашање iPad беа насочени кон подобрување на можноста за работа на овие уреди со поголеми екрани. Тоа посебно стана случајот кога беше претставен првиот модел од iPad со Pro ознака.

iOS 11 продолжува во тој правец и им овозможува на корисниците нов док којшто е повеќе сличен со тој во MacOS, којшто овозможува закачување на повеќе апликации, како и подобра нивна прегледност и искористување при мултитаскинг.

iPad исто така со iOS 11 добива можност за drag-and-drop на фајлови помеѓу апликациите во split screen режим на работа. Ова е навистина корисен додаток којшто ќе направи овие уреди да може уште повеќе да се користат како замена за класичен лаптоп.

Split screen функцијата исто така добива можност за „спарување“ на апликации. Ова значи дека доколку користиме две апликации во овој режим, па се префрлиме на друга, iOS 11 ќе ги запамети отворени апликации и повторно ќе ги прикаже во split режим кога ќе се вратиме на нив.

Систем за Изменета реалност (Augmented Reality)

iOS се приклучува на конкуренцијата со нов систем кој ќе им овозможи на програмерите да креираат одлично AR искуство за корисниците во своите апликации.

Редизајн на App Store

 

Плаќање помеѓу пријателите со Apple Pay

Apple Pay добива можност за користење во Messages каде што пријателите ќе може да си префрлаат пари еден со друг, а истото ќе може да го направат и преку Siri. Добиените пари ќе може потоа да се префрлат на банкарската сметка на корисникот.

Подобрувања на Siri

Siri во новата верзија од iOS добива подобрен глас, односно користејќи го напредокот во вештачката интелигенција начинот на којшто збори овој асистент ќе биде многу поприроден. Исто така, преку учење од уредот, Siri ќе може да дава подобри предлози врз основа на содржината којашто ја отвора корисникот во Safari, New, Mail, Messages и слично.

Siri исто така ќе може да преведува зборови и фрази од неколку јазици.

Control Center

Во iOS 11 целосен редизајн добива и Control Center, односно корисното мени до кое се пристапува со повлекување од долниот дел на екранот.

iOS 11 донесува и промени во апликациите кои доаѓаат со системот, а детален преглед на новините може да видите на следниот линк.

iOS 11 ќе биде достапен од оваа есен, а ќе може да го инсталираат корисниците на iPhone 5s или понов, сите iPad Air и iPad Pro модели, iPad 5та генерација, iPad mini 2 и понови, како и шестата генерација на iPod Touch.

Извор: Apple

Претходна статијаiMac Pro е „се во едно“ компјутер со “Xeon” процесор со максимум 18 јадра
Следна статијаApple претстави нов 10,5 инчен iPad Pro, го освежи 12,9 инчниот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.